КАФУЛИЊАТА НА ШИРОК СОКАК ЌЕ СЕ УНИФИЦИРААТ, ПОВЕЌЕ ПРОСТОР ЌЕ ОСТАНЕ ЗА ПЕШАЦИТЕ

    КАФУЛИЊАТА НА ШИРОК СОКАК ЌЕ СЕ УНИФИЦИРААТ, ПОВЕЌЕ ПРОСТОР ЌЕ ОСТАНЕ ЗА ПЕШАЦИТЕСлободни за пешаците треба да останат 6 метри, наместо досегашните 4,5 метри. - Широк сокак (Фото: СДК.МК)

    Сопствениците на кафулињата на Широк Сокак во Битола за помалку од дваесетина дена ќе мора да ги отстранат најлоните и другите материјали со кои имаат оградено уличен простор пред нивните угостителски објекти. Се работи за оградениот простор наменет за пушачи.

    Советот на Општина Битола донесе одлука за унифицирање на урбаната опрема која се поставува пред кафулињата на оваа амбиентална улица. Предвидено е да се постават огради високи 1,80 метри, изработени половина од метал во маслинеста и валкано бела боја, а во горниот дел од стакло. Металната ограда задолжително ќе биде поставена на дрвена платформа со минимална височина од 15 сантиметри, со цел да не се уништуваат плочите на Широк Сокак.

    За урбана опрема пред угостителските објекти да не го попречува движењето на пешаците и евентуално на возила на Противпожарната служба или Итната помош, според пропишаните услови, слободни треба да останат по 3 метри од двете страни од средишната линија на Широк Сокак, односно вкупно 6 метри, наместо досегашните 4,5 метри колку што остануваат слободни на оваа пешачка зона.

    „Ова е почеток за унифицирање на Широк Сокак како улица која е заштитена со Законот за староградско јадро. Ќе има една урбана опрема за сите од почетокот до крајот на Широк Сокак. Широк Сокак ќе добие еден лик, да не биди како сега она што објективно на сите нас ни пречи, па и на самите угостители, секој да го загради просторот онака како што мисли дека е најдобро“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.

    Овие услови ќе важат во зимскиот период, односно од 15 ноември до 15 април и нема да предизвикаат промена на цената за поставување урбана опрема која изнесува 15 денари за квадратен метар. Следната година ќе се бара унифицирање на тендите на кафулињата на Широк Сокак.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира