Зелениот покрив на Градскиот трговски центар ги скара советникот Александар Трајановски од партијата ГРОМ и градоначалникот Петре Шилегов на денешната седницата на Советот на Град Скопје.
Трајковски му рече на Шилегов да се откаже од проектот за зелен покрив на ГТЦ оти тоа било само камуфлажа и дека на трговскиот му треба темелна реконструкција.
„Зборевте цела предизборна кампања против стиропор, а вие сега му ставате гранки на ГТЦ, тоа е камуфлажа бетер од стиропор. Потребна е суштинска реконструкција, сега од сите страни протекува, дува, висат кабли. Откажете се од тој зелен покрив и суштински решете го проблемот“, му рече советникот Трајановски.
Градоначалникот Шилегов му одговори дека негово предизборно ветување било зелен покрив на ГТЦ не и негова реконструкцијата.
„Не ми зборувајте вие за ГТЦ и за стиропор. Вие што потрошивме 200.000 евра за идејно решение за стиропор на трговскиот. Еве видете ги сликиве, вака изгледаат 200.000 евра. Од таму изгледа му се парите на Груевски за во Будимпешта“, му одговори Шилегов и на говорницата извади слики од проектот за реконструкција во барок на ГТЦ и фасадата на ТЦ „Сити Галери“.
Советникот Михајло Маневски од ВМРО-ДПМНЕ му рече на градоначалникот Шилегов дека ништо не работи и дека целосно се запуштени спомениците од проектот „Скопје 2014“.
„Спомениците не ги одржувате. Видете го споменикот на паднатите херои на Македонија во паркот ‚Жена борец‘, целосно уништен е затрупан со ѓубре. Срамота е ваков однос да имате кон лицата кои загинаа за земјава. Една година цигла немате ставено, ама да уривате можете“, му рече Маневски.
Градоначалникот Шилегов му одговори дека Градот изминатиов период работел на многу проекти кои се суштински, а биле запоставени.
„Да не мешаме баби и жаби, што е обврска на Градот, а што е на Општините. Ако сакате заедно ќе прошетаме. На кеј после толку години ја исчистивме џунглата, која на вас не ви текнуваше. Мислевте само на стиропорот и спомениците од Скопје 2014“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА