КАНДИДАТОТ НА СДСМ ОЛИВЕР ИЛИЕВСКИ ПРИЗНА ПОРАЗ ВО КУМАНОВО, МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ОСТАНУВА ГРАДОНАЧАЛНИК

    КАНДИДАТОТ НА СДСМ ОЛИВЕР ИЛИЕВСКИ ПРИЗНА ПОРАЗ ВО КУМАНОВО, МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ОСТАНУВА ГРАДОНАЧАЛНИКНезависниот кандидат Максим Димитриевски на гласање на локалните избори. (Фото: СДК.МК)

    Кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Оливер Илиевски, вечерва му ја честиташе победата на противкандидатот , актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“. Тој објави дека разликата во гласови е околу 6.000 во корист на Димитриевски.

    „Во овој момент сакам да им честитам на победниците и да порачам Куманово да го управуваат добро, да инвестираат и нашата програма ќе им стои на располагање. Сакам да ве информирам дека СДСМ освои 19.470 гласа, додека независниот кандидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, има освоено 25.470 гласови. Ова се неофицијални податоци што ги добивме од нашиот изборен штаб, од сите гласачки места“, кажа Илиевски на прес-конференција по вториот круг од локалните избори.

    Тој се заблагодари на сите граѓани на Куманово, кои гласаа и изборниот процес да помине во фер и демократска атмосфера.

    Илиевски кажа дека Димитриевски и во Советот на Општина Куманово најверојатно го има мнозинството со 17 советника, заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Aлбанците.

    И од штабот на Димитриевски велат дека водат со над 4.000 гласови пред Илиевски

    „Од 75 отсто обработени гласачки места водиме со 4.500 гласови разлика. Очекуваме разликата да биде над 5.000 гласови“, изјави шефот на изборниот штаб „За наше Куманово“ Даниел Стојчевски.

    Димитриевски најави прес во 21.30 часот, но веќе слави на градскиот плоштад.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира