Железничкиот сообраќај од Велес кон Битола е во застој откако на пругата паднала карпа. Тоа се случило меѓу железничките станици Мартолци и Стари Град вчеравечер околу 22 часот. Во тоа време на критичното место требало да помине патничкиот воз за Битола, но машиновозачот бил навреме известен и сопрел порано. Од Македонски железници АД Транспорт и ЈП МЖ Инфраструктура ја потврдија веста.
„Екипи на стручните служби од ЈП за железничка инфраструктура Железници на РС Македонија се излезени и работат на терен. Очекуваме за два дена пругата да биде расчистена и сообраќајот од Скопје до Битола да биде нормализиран“, информираа од МК Инфраструктура.
Поради новонастаната состојба, железничкиот сообраќај од Велес кон Битола е во прекин.
„Патничките возови од Скопје за Битола ќе сообраќаат до Велес и обратно, освен утринскиот кој од Скопје тргнува во 6:54 часот. Поради тоа, патничкиот воз за Гевгелија кој тргнува од Скопје во 6:23 часот ќе поаѓа 30 минути подоцна за да го покрие утринскиот воз кој од Скопје поаѓаше за Битола, а ќе сообраќа до Велес“, информираше Беким Лачи, портпарол на МЖ Транспорт.
На истото место во ноември 2015 се случи одрон на карпа и имаше едномесечен застој на железничкиот сообраќај кон Битола.
П. ПЕЧКОВ