После фудбалскиот натпревар одигран на 11 октомври помеѓу екипите на Србија и Албанија кој се играше во Лесковац, поголема група тетовци излезе на улиците и на Градскиот плоштад за да ја прослави победата на фудбалерите од Албанија. Освен што блокираа за сообраќај неколку улици во центарот на градот, палеа огнови и употребуваа пиротехнички материјали, а дел од нив извикуваа националистички навреди упатени кон Македонците и Србите.
Иако настанот се случи во саботата, до денес двајцата кандидати за градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами иод „Вреди“ и Бајрам Реџепи од ДУИ,воопшто не се огласија во врска со овој настан. Денеска, продолжувајќи ја предизборната кампања, ги прашавме за став кон за настанот во кој се изразува омраза кон Македонците и Србите.
„Лично не сум бил на таква манифестација поради динамиката на мојата кампања, но секое извикување против кого било е за осудување и тоа е недолично однесување и за мене е неприфатливо“, кратко изјави актуелниот градоначалник Билал Касами.
На барање за став на кандидатот на ДУИ Бајрам Реџепи во врска со овој инцидент, од неговиот изборен штаб само кратко рекоа дека Реџепи не сака да го коментира настанот.
Останатите тројца кандидати за градоначалник на Тетово Изет Зејнеловиќ од партијата „Демократи“, Катка Божиновска од Левица, Самка Ибраимовски од коалицијата „Искуство за успех“ и Стевица Сарковски од ВМРО-Народна партија, преку изјави и преку објави на социјалните мрежи силно го осудија ваквото однесување на дел од лицата што прославуваа, нагласувајќи дека Тетово е мултиетнички град во кој луѓето заедно живеат со децении и дека секоја провокација и навреда кон која било заедница е недозволива и штетна за нашето општество. Тие побараа институциите веднаш да реагираат на ваквите испади, а сторителите да бидат казнети.
После саботниот натпревар помеѓу овие две фудбалски екипи, освен во Тетово, недолично однесување на дел од навивачите имало и во Скопје и Куманово.
З. АНДОНОВ



