КАВАДАРЦИ ТРИ ГОДИНИ ИМА ВИДЕОНАДЗОР, БИТОЛА ДОПРВА ЌЕ ВОВЕДУВА, ИЗДВОИ ПАРИ, НО ФАЛИ ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА

КАВАДАРЦИ ТРИ ГОДИНИ ИМА ВИДЕОНАДЗОР, БИТОЛА ДОПРВА ЌЕ ВОВЕДУВА, ИЗДВОИ ПАРИ, НО ФАЛИ ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈАБитола подолго време се соочува со проблеми во уништувањето на урбана опремаа. (Фото: СДК.МК)

Уништување на урбана опрема во паркот, кршење на дрвца, канделабри, жардиниери со цвеќиња, па дури и таблите во алејата на добитниците на наградите „4 Ноември“, чкртање со спреј на спомен обележја и објекти низ центарот на градот, како и трки во вечерните часови низ пошироките сообраќајници. Ова се проблеми со кои се соочува Битола подолго време.

Видеонадзор за заштита на општинскиот имот и поголема безбедност на граѓаните беше најавен уште во 2019 во мандатот на тогашната градоначалничка Наташа Петровска, но не се постави. Пред последните локални избори во 2021  беше ветување на советничката група Поинаку. Сегашната локална власт за оваа година издвои средства, но испушти прво да направи физибилити студија.

„Како советничка група реагиравме во врска со средствата кои беа обезбедени од Програмата за животна средина за да се искористат за поставување на видео надзор. Кога прашавме до каде е реализацијата нѐ известија дека средства има, ама физибилити студија нема. Сега чекаме прво да обезбеди Општината физибилити студија, а ако обезбеди оваа година, па следната да чекаме реализација“, коментира Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ.

Од Општина Битола потврдија дека од Програмата за животна средина за 2022  во делот на капитални ивестиции беа предвидени финансиски средства за набавка на опрема за видео наздор во висина од 1,5 милиони денари. Но, после извршената анализа утврдија дека потребно е да се направи физибилити студија со која ќе се утврдат сите чекори за спроведување на набавката и истата студија ќе даде насоки за финансиските средства кои ќе бидат потребни. Заради тоа се изврши измена на Програмата за животна средина за 2022  и делот за набавката на опрема беше заменет со изработка на физибилити студија. Општина Битола во моментот е во фаза на отпочнување постапка за спроведување на јавна набавка.

Кавадарци, општина која има два пати помалку население од Битола видео надзор има спроведено уште од 2019  со цел поголема сообраќајна заштита на населението, заштита на урбана опрема, пешачки патеки, сообраќајни знаци, семафори, заштита од диви депонии и слично. Поставени се безбедносни камери на повеќе крстосници со 24 часовен надзор, а снимките можат да се користат и за истраги на кривични дела.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира