Два дена откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека в. д. директорот на Универзитетската библиотека во Битола Менде Доневски ја иселил од канцеларија програмската раководителка и библиотекарка-советник со долгогодишно професионално искуство, м-р Јелена Петровска на само осум месеци пред пензија, денес во установата беше назначена нова директорка. На местото на Доневски, со решение на министерсот за култура доаѓа м-р Емилија Стефановска-Давкова, докторанд по меѓународно право.
Таа е назначена по претходно објавен конкурс, Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор на Библиотеката одлучила дека поседува стручни и професионални квалификации за извршување на оваа функција, а нејзината програма за работа и развој на оваа институција ја оценила како позитивна и високо развојна. Новата директорка Стефановска-Давкова е ќерка на Анета Стефановска, поранешна пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна директорка на Универзитетската библиотека во Битола.
Денеска, исто така, програмската раководителка Јелена Петровска добила и решение од Дисциплинската комисија дека е казнета со 30 проценти помалку плата за шест месеци, што би се рекло до пензија. Казнета е дека не биле набавувани полици за магацинот, што според Петровска не е нејзина вина, зашто такви проекти поднесувале до Министерството за култура, а од таму одобриле за што ќе се вложат парите. Таа додава дека тоа не било ни нејзина работа задача зашто не била директорка.
На 25 јануари, САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека Петровска пред пензија е иселена од нејзината канцеларија. Таа тогаш се пожали дека со вербални навреди била набркана од канцеларијата и дека со денови била изложена на мобинг, а случајот го пријавила во полиција, Трудова инспекција и Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. Петровска рече дека не може да добие ни синдикална заштита зашто Доневски, кој за в. д. дошол од работното место библиотекарски соработник во магацин за задолжителен примерок, воедно е и претседател на СОНК во Библиотеката.
Доневски, пак, одговори дека вработената долго време ја имала узурпирано канцеларијата наменета за стручна обработка, каталогизирање и сместување на музикалии, па ѝ било соопштено дека ќе биде преместена во друга просторија која ги задоволува условите и тоа било направено без никакво насилство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА