Депонијата „Дрисла“ во Скопје ќе биде казнета со 120.000 евра, а директорот Александар Кузинаков со 6.000 евра поради загадување на Маркова Река, соопшти Државниот инспекторат за животна средина. Директорот Кузинаков не сакал да го потпише извештајот и да ја плати казната, па затоа сега Инспекторатот ќе ја тужи „Дрисла“ на суд.
„Инспекторатот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против правното лице ЈП ‘Дрисла’ и против управителот, пред Основниот кривичен суд во Скопје поради одбивање на потпишување на Записникот за спогодба од страна на директорот по извршениот вонреден надзор. Изречената казна следува по вонредниот надзор на Инспекторатот на 4 септември по дојава на граѓани од селото Батинци, за загадување на Маркова Река во претпладневните часови“, велат од Државниот инспекторатот за животна средина.
При вонредниот надзор, визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова Река со темнокафеава течност, но при надзорот не е почувствуван некаков мирис.
„Истиот ден од страна на акредитирана лабораторија за животна средина земени се мостри од три места за анализа на водите од Маркова Река, како и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци.Наодите од визуелниот надзор и резултатите од акредитираната лабораторија која анализираше земени мостри, утврдија концентрации на загадувачки супстанци над дозволените гранични вредности и истите потекнуваат од исцедокот од депонијата“, велат од Инспекторатот.
Директорот на „Дрисла“ Александар Кузинаков не одговараше на нашите телефонски повици да каже зошто од депонијата е предизвикано загадување на животната средина .
А. АНТЕВСКА