КАЗНЕТИ 23 ЛИЦА ВО ТЕТОВО ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ И ЧКРИПЕЊЕ СО ТРКАЛАТА, ДЕЛ СЕ СО КОЛИ СО СТРАНСКИ РЕГИСТРАЦИИ

    КАЗНЕТИ 23 ЛИЦА ВО ТЕТОВО ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ И ЧКРИПЕЊЕ СО ТРКАЛАТА, ДЕЛ СЕ СО КОЛИ СО СТРАНСКИ РЕГИСТРАЦИИТетовци се жалат дела хаосот е уште поголем во лето кога дома си доаѓаат гастарбејтерите со скапи коли купени во земјите каде работат. (Фото: СДК.МК)

    Речиси секоја вечер автомобили и мотори со голема брзина и со чкрипење на тркалата возат низ тетовските улици во центарот на градот и на излезот кон Скопје. Освен тоа, дел од нив се паркираат на улиците без да ги почитуваат правилата. Хаосот е уште поголем во лето, кога дома си доаѓаат гастарбејтерите со скапи коли купени во земјите каде работат. Тетовци се крајно револтирани од несовесните возачи.

    „Нашите гастарбајтери кои доаѓаат во Тетово во овој период од годината се добредојдени. Најголемиот дел од нив се коректни и ги почитуваат правилата, но некои навистина се однесуваат надвор од сите правила на доброто однесување. Еве погледајте каде се паркирал овој, на местото предвидено за лица со попреченост. Пред три дена, шетајќи се навечер едно возило со странска регистрација низ главната улица возеше сигурно над 120 километри на час. Малку недостасуваше да прегази две лица на пешачки премин. Не застана туку со уште поголема брзина се упати кон кружниот тек и таму со чкрипење на гумите вртеше кругови. И ова се случува речиси секоја вечер, беснеат со автомобили и со јаки мотори и прават бука. Од тие што ова го прават има и наши, ама има и многу коли со странски регистрации. Се прашувам дали така се однесуваат и во земјите од каде доаѓаат“, се жали еден тетовец кој ни укажа на едно возило со странска регистрација кое беше непрописно паркирано.

    После ваква повеќедневна тортура врз граѓаните од Тетово, а случаи имало и во Гостивар, полицијата конечно презеде активности и санкционира неколку вакви прекршители на јавниот ред и мир. Во контролата која полицијата ја спровела во изминативе денови казнети се 23 лица.

    „Во текот на контролата, на улица Маршал Тито на влез во градот, биле исклучени од сообраќај и задржани во полициската станица 10 патнички возила, од кои 7 со странски регистарски ознаки и 3 со тетовски регистерски таблици, кои го нарушиле јавниот ред и мир со чкрипење на погонски тркала и предизвикале поголема бучавост од максимално пропишаната, поради што ќе бидат упатени на вонреден технички преглед. Поради истата причина, претходните два дена биле исклучени и задржани уште 13 патнички возила од кои поголем број биле со странски таблички. На возачите ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно констатираните неисправности во станицата за технички преглед, а доколку биде констатирано преголема бучавост кај возилата, тие согласно законот ќе бидат задржани 90 дена во полициска станица“, се вели во соопштението од СВР Тетово.

    Покрај овие прекршоци, полицијата во Тетово санкционирала 23 лица чии возила кои биле погрешно или непрописно паркирани, а со пајак биле подигнати 17 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира