ЌЕ БИДЕ ВРАТЕНА ОТСТРАНЕТАТА СПОМЕН-ПЛОЧА ЗА АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА ОД ИСТОРИСКАТА КУЌА ВО ОХРИД, ГРАДИТЕЛОТ ДОБИ ГЛОБА

    ЌЕ БИДЕ ВРАТЕНА ОТСТРАНЕТАТА СПОМЕН-ПЛОЧА ЗА АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА ОД ИСТОРИСКАТА КУЌА ВО ОХРИД, ГРАДИТЕЛОТ ДОБИ ГЛОБАВо оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година, бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор. (Фото: СДК.МК)

    Ќе биде вратена во првобитната состојба мермерната спомен-плоча посветена на настан од антифашистичката борба на објектот со историско значење во Охрид, која при реконструкцијата на куќата беше отстранета. Изречена е мерка наредба од инспекцијата при Министерство за култура.

    „Инспекторите за култура извршија вонреден инспекциски надзор по повод отстранувањето на спомен-обележјето на осудени лица од фашистичкиот окупатор во 1941 година, при што се констатирани прекршоци и на сторителите им се изречени законски глоби, согласно одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата“, се вели во објавата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Спомен-обележјето е потсетник на историски настан. Во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година, бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор.

    Со реконструкцијата на објектот, градителот отстапувајќи од проектот ја наруши и автентичноста и оригиналноста на градбата. Основното јавно обвинителство Охрид поведе истражна постапка против две осомничени лица, а градежната инспекција им поднесе кривична за бесправно градење.

    Дополнително, извршен е и инспекциски надзор во Општина Струга за поставувањето на спомен-плоча за основно училиште „Битолски конгрес“ во 1941 година и за градоначалникот, кој е надлежен за истата е изречена законски утврдена глоба.

    „Заштитата на културното наследство мора да е приоритет на сите и грижата да биде заедничка, и на централно и на локално ниво. Апелирам на поголема совесност од секој поединец кон културните и историски споменици, во спротивно негрижата и дејствијата во насока на нивно уништување ќе бидат соодветно казнети“, вели Костадиновска-Стојчевска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира