ЌЕ ДАДАМ СÈ ОД СЕБЕ ЗА ДА ОСВОЈАМ МЕДАЛ, ВЕЛИ ТЕТОВЕЦОТ АГРОН ХАЈРЕДИНИ ПРЕД СПЕЦИЈАЛНАТА ОЛИМПИЈАДА ВО БЕРЛИН

    ЌЕ ДАДАМ СÈ ОД СЕБЕ ЗА ДА ОСВОЈАМ МЕДАЛ, ВЕЛИ ТЕТОВЕЦОТ АГРОН ХАЈРЕДИНИ ПРЕД СПЕЦИЈАЛНАТА ОЛИМПИЈАДА ВО БЕРЛИНЗа тренинзите и физичката подготовка на Агрон Хајредини задолжен е неговиот тренер Ифраим Љута. (Фото: СДК.МК)

    „Секој ден тренирам со мојот тренер. Јас сум подготвен да направам рекорд и ќе го направам. На Олимпијадата ќе го дадам својот максимум“, вели тетовскиот параолимпиец Агрон Хајредини кој со огромна доза самодоверба е подготвен да настапи на Специјалната олимпијада која од  утре почнува во Берлин.

    Агрон, како лице со церебрална парализа и со физичка попреченост, нема за првпат да настапува на Специјалната олимпијада. Минатиот пат, кога Олимпијадата се одржа во Дубаи, во трката на 50 метри, за малку му побегна бронзениот медал. Токму затоа, неговата мотивираност овој пат да се врати со некој медал е навистина голема.

    „Ќе се натпреварувам во две дисциплини: во трката на 50 метри и во скок во далечина од место. Многу сум возбуден, но и среќен што повторно ќе учествувам на овој натпревар. Знам дека ќе го дадам максимумот. Мислам дека можам да постигнам добар резултат. Пред 4 години кога се натпреварував, малку недостасуваше да освојам медал, но овој пат верувам дека ќе успеам“, вели 35-годишниот Хајредини, еден од поискусните тетовски атлетичари.

    Специјалната Олимпијада е формирана во 1968. Денес е светски раширено движење активно во повеќе од 150 држави од целиот свет, со повеќе од 2.2 милиони активни учесници и околу 750.000 волонтери. На годинашнава Специјална Олимпијада во Берлин македонската екипа ќе настапи со 19 учесници со атипичен развој во повеќе спортски дисциплини. Организаторите во Берлин очекуваат околу 300.000 гледачи за натпреварите.

    За тренинзите и физичката подготовка на Агрон задолжен е неговиот тренер Ифраим Љута. И самиот тој е лице со попреченост, односно со оштетен вид, но тоа воопшто не му пречи да го даде максимумот во подготовките на Агрон за учество на Олимпијадата. Неговата активност како претседател на НВО „Активен живот“ и како спортски тренер со години е докажана преку голем број спортски активности кои ги организира за лицата со попреченост. За посебно одбележување е неговото волонтерско ангажирање во подготовката на лицата со попреченост за учество на Специјалната олимпијада.

    Да се постигнат резултати во атлетика во Тетово, во град во кој нема никаква атлетска патека е навистина тешко. – Хајредини на тренинг. (Фото: СДК.МК)

    „За Специјалната олимпијада реално се подготвуваме веќе една година, но поинтензивно работиме од февруари и верувам дека добро сме подготвени. Заминуваме на 12 јуни, а веќе од 15 јуни започнуваат натпреварите. Екипата за Специјалната олимпијада од Македонија овој пат доби две квоти за натпревари во атлетика, за разлика од минатиот пат кога имавме четири квоти. Квотите ги определува Светската олимпијада. На годинашниве натпревари во атлетика ќе учествуваат Агрон Хајредини од Тетово и Јулијана Петревска од Скопје. Двајцата ќе настапат во две дисциплини, во трката на 50 метри и во скок во далечина од место“, вели тренерот Ифраим Љута.

    Оваа Олимпијада е помлада од другите Олимпијади од ваков вид, се одржува на секои 4 години, а во неа се вклучени 26 спортови во кои се натпреваруваат лица со попреченост или атипичен развој во повеќе категории.

    „На оваа Олимпијада не се зборува кој колку ќе заработи или кој ќе собори некој светски рекорд. Овде натпреварите се со малку подруг карактер. Токму затоа учеството на две вакви Олимпијади по ред за мене, како тренер, многу значи и сум многу горд што ми се дава ваква шанса. Јас со овие деца со попреченост волонтерски работам веќе 10 години и тоа е голема сатисфакција за мене“, истакнува Љута.

    Да се постигнат резултати во атлетика во Тетово, во град во кој нема никаква атлетска патека е навистина тешко. Но, и во вакви исклучително тешки услови, кога се има голема желба за работа доаѓа и успехот.

    На минатата Олимпијада учествуваа 4 атлетичари од Тетово кои освоија 4 медали.

    „Во Тетово тренираме во многу лоши услови, но јас како тренер се трудам тоа да не влијае врз психологијата на спортистот. Немаме атлетска патека, немаме соблекувални, нема стадион каде би тренирале атлетика, го уништија Спортскиот центар, а други објекти нема. Тренинзите ги правиме на фудбалско игралиште на Државниот Универзитет. За жал, и таму патеката не е баш рамна и многу го отежнува тренирањето, посебно за Агрон, кој има проблеми во трчањето и секоја нерамнина на теренот многу му пречи. Но, и покрај сите овие потешкотии ние го даваме својот максимум, па и на оваа Олимпијада и се надеваме на добри резултати“, вели  Љута.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира