ЌЕ ИМА ХУМАН ТРЕТМАН НА УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ПРАВИЛАТА ЗА ЕВТАНАЗИЈА СЕ МНОГУ СТРОГИ, РЕКОА ОД „ЛАЈКА“ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ПРОГРАМАТА

    ЌЕ ИМА ХУМАН ТРЕТМАН НА УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ПРАВИЛАТА ЗА ЕВТАНАЗИЈА СЕ МНОГУ СТРОГИ, РЕКОА ОД „ЛАЈКА“ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА ПРОГРАМАТАОд презентацијата и јавната расправа за новата програма на Јавното претпријатие (ЈП) „Лајка“ за третман на уличните кучиња во Град Скопје. (Фото: К. Попов)

    Во преполната сала на Советот на Град Скопје попладнево се одржа расправа за новата програма на Јавното претпријатие (ЈП) „Лајка“ за третман на уличните кучиња, која беше усвоена на седницата на Советот минатиот вторник. Дел од активистите тврдеа дека оваа програма е ужасна и значи евтаназија на пола од уличните кучиња во Скопје. Активистите, пак, кои се дел од Управниот одбор на Лајка велат дека тоа не е точно и дека непотребно се прави хајка од одредени луѓе.

    „Имаме алармантна состојба со улични кучиња и нивниот број расте. Не може секое куче кое е болно од лишманија да се евтанизира. Таа може да се лекува, како и срцев црв”, рече Радмила Пешева од „Анима мунди“, по што и останати активисти тврдеа дека кучиња болни од лишманија не треба да се евтанизираат бидејќи не биле заразни за луѓето.

    По ова, за збор се јави Јована Стефановска, раководителка на Ветеринарниот институт во состав на Ветеринарниот факулетет, која рече дека не може кој како сака да зборува и дека тврдењата на активистите не се точни.

    „Куче болно од лишманија не може да се пушти на улица. Ако не верувате на нас, еве ќе ја земам Италија за пример, таму кучиња позитивни на лишманија се евтанизираат. Сепак, треба да сте образувани на оваа тема за да може ширите вакви тврдења“, рече Стефановска.

    Љупка Аврамовиќ, членка на Управниот одбор на „Лајка“ рече дека и таа е активистка за заштита на животните и дека со оваа програма се овозможува хуман третман.

    „Па зар мислите дека јас и Тина, што десетина години сме по улици и се грижиме за кучиња, ќе дозволиме туку така да се евтанизира куче? Не може болно куче од лишманија да се врати на улица, тоа е лошо за него“, рече Аврамовиќ.

    На средбата, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој ја презентираше Програмата, кажа дека правилата за евтаназија се многу построги и за тоа одлука нема да може да се донесе по свое наоѓање.

    „Да нема убивање, туку со системски мерки бројот на улични кучиња да се сведе на минимум, а со тоа и каснувањата и нападите. Главните разлики на оваа програма со претходната се заловувањето кое ќе го прават два тима, од кои едниот во итни случаи, самиот стационар ќе има ветеринарна станица во која ќе се прават брзи тестови за заразни болести кај животните“, објасни Шилегов.

    Тој посочи дека принципот „залови-стерилизирај-ослободи“ не се напушта, туку ќе се применува во случаите кога нема да се најде вдомувач за животното.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира