ЌЕ ЈА ВИКНАМ АРСОВСКА НА СРЕДБА ЗА ДА Ѝ ПОМОГНЕМЕ ОТИ СКОПЈЕ НА НИШТО НЕ ЛИЧИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ

    ЌЕ ЈА ВИКНАМ АРСОВСКА НА СРЕДБА ЗА ДА Ѝ ПОМОГНЕМЕ ОТИ СКОПЈЕ НА НИШТО НЕ ЛИЧИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИВо главниот град ништо не се гради, сите проекти се во застој, а одговорни за тоа се ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, рече Ковчевски. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека ќе ја викне на средба градоначлничката на Скопје Данела Арсовска. Според него, во главниот град ништо не се гради, сите проекти се во застој, а одговорни за тоа се ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска.

    „Опозицијата се фалеше дека ќе го направи Скопје метропола, но за жал, денес погледнете какво е. Не може да се доправи ништо што е започнато и од таа причина планирам да го повикам раководството на Град Скопје за да разгледаме што можеме ние како Влада да помогнеме, бидејки граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во метропола, а не заслужуваат ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат да се караат секој ден кој бил во право“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на поставување на камен-темелник за полициска станица во Аеродром.

    Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје како независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и нивната соработка траеше една година, сè додека таа не ги разреши директорите на скопските јавни претпријатија кои беа кадар на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги дека ги фатила „со рачињата во медот“.

    Уште лани во ноември, Ковачевски најави дека Владата може да ѝ и ги одземе ингеренциите на Арсовска за неколку големи проекти, како реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на пречистителната станица за Скопје, БРТ, клучката кај Момин Поток и други инфраструктурни проекти, бидејќи, како што кажа тој, ни милиметар од тоа не е направено. Но, ингеренциите не ѝ се одземени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира