ЌЕ НЕМА РУДНИК НА ОГРАЖДЕН, ЌЕ ИМА РАДИКАЛНИ ПРОТЕСТИ, ВЕЛАТ ОД „ЗДРАВА КОТЛИНА“ ОТКАКО ВИШИОТ УПРАВЕН СУД ГИ ОДБИ ЖАЛБИТЕ

    ЌЕ НЕМА РУДНИК НА ОГРАЖДЕН, ЌЕ ИМА РАДИКАЛНИ ПРОТЕСТИ, ВЕЛАТ ОД „ЗДРАВА КОТЛИНА“ ОТКАКО ВИШИОТ УПРАВЕН СУД ГИ ОДБИ ЖАЛБИТЕАктивитите на „Здрава котлина“ велат дека со жив штит ќе ја бранат планината Огражден. Од протестот пред Влада лани во ноември. (Фото: СДК.МК)

    Активистите од „Здрава котлина“ најавуваат масовни протести по одлуката на Вишиот управен суд да ги отфрли жалбите по пресудата на Управниот суд, кој пролетва пресече да се поништи одземањето на дозволата за експлоатација на „Еуромакс“ од страна на Владата. На ваквата одлука рагираа и инвеститорот и Државаната комисија за одлучување во управна постапка, чии жалби Вишиот Управен суд ги отфрли како недозволиви. Ова, според активистите од „Здрава котлина“ кои со години се борат да не се отвори рудник на Огражден, е нов продолжеток на вплеткување во правните лавиринти и вртење во круг без да се стави конечна завршница за овој проблем кој ги тишти граѓаните од Струмичко.

    „Изненадени сме од ваквата одлука на Вишиот управен суд, со која целата постапка повторно се враќа на почеток. Вишиот Управен суд само процедурално одлучи и ги отфрли жалбите без да навлегува во суштината на проблемот. Ова значи дека останува пресудата на Управниот да се поништи одземената дозвола, бидејќи Владатa требало да се изјасни за спојување на две концесии. Ова значи дека се оди против волјата на народот, кој со години се обидува да докаже дека не сака рудник за кој постојат и огромни правни заврзлами во однос на добивањето на потребните документи“, вели Ѓорѓи Танушев, активист од „Здрава котлина“.

    Управниот суд во март годинава донесе пресуда во корист на „Еуромакс“ оти не ѝи беше доделена дозвола за експлоатациија на металични минерални суровини, а во декември лани Владата донесе одлука за одземање на концесијата. Сето тоа ги натера активистите ова лето да организираат моторизиран протест истакнувајќи дека со жив штит ќе ја бранат планината Огражден.

    Активистите од „Здрава котлина“ уште еднаш ги повикаа политичарите и судиите да го слушнат гласот на народот и конечно да стават крај на овој проблем кој со години се одолговлекува.

    „Не можеме да бидеме сигурни и заштитени, освен ако самите не се избориме на терен. Почнуваме со планирање и подготовки на масовни активности, оти уморни сме од политички ветувања, камелеонски тактики и позадински игри. Време е да му се стави крај засекогаш на овој рудник. Ако мора, ќе преземеме и радикални чекори како опомена за сите. Очигледно дека идната година народниот гнев кога ќе се истури врз сите што упорно си го бараат“, соопштија од „Здрава котлина“ и повторија дека рудник на Огражден ќе нема.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира