Ќе нема застој во јавниот превоз, приватни автобуси ќе има, велат од ЈСП „Скопје“ откако денес приватниците најавија дека од петок нема да возат. Тие рекоа дека им се должи 2.2 милиони евра и последната исплата кон нив била во јануари. Приватните превозници добиваат пари од ЈСП „Скопје“, а на јавното претпријатие субвенции му префрла Град Скопје.
Од ЈСП попладнево одговорија дека долгот кон приватните превозници ќе се исплаќа по определена динамика.
„Јавниот превоз ќе продолжи да функционира непречено, приватните превозници ќе продолжат да возат согласно со возниот ред, а долгот ќе им се сервисира со динамиката која приватниците и в. д.директорот на ЈСП ‘Скопје’, Драги Кушовски, ја договорија непосредно по неговото именување на чело на претпријатието. Приватниците и Кушовски денеска практично одржаа втора средба на која го потврдија претходно договореното во однос на исплатата на долгот. Во меѓувреме, ветеното од првата средба од страна на ЈСП е реализирано, со гаранција дека договорот во целост ќе биде испочитуван“, соопштија од ЈСП „Скопје“.
Од Град Скопје попладнево соопштија дека Градот нема никакви обврски ни исплати кон приватни превозници.
„За договорни обврски и релации помеѓу ЈСП и приватните превозници одговори може да дадат од Јавното сообраќајно претпријатие. Денес превозниците сообраќаат редовно согласно утврдениот летен возен ред. Ве молиме да не се темелат вестите на шпекулации, првенствено да се добијат конкретни податоци за состојбите од ЈСП, а доколку превозниците одлучат да ги оштетат граѓаните и да прекинат со испорака на услугата тоа ќе значи прекин на дозволата за вршење дејност во јавниот превоз и побарување кое превозниците ќе мора да го исплатат за настанатата штета“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА