Ќе се доградат зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
На овие два згради шест години нема никакви градежни работи откако фирмата „Бетон Штип“ отиде во стечај, а претходната Влада не направи ништо за да добијат свои простории студентите на овие два факултета.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата Ивица Томовски вели дека за овие објекти веќе е разговарано со Министерството за образование и се работи на отстранување на сите пречки за да може да продолжи градбата.
„Во тек се измените на Законот за градба, каде треба да се предвидат одредени членови со кои ќе може да продолжи градбата оти поминати се 10 години од почетокот на градежните работи. Штом се отстранат тие пречки, ќе се почне постапката за довршување на двете згради. Очекуваме догодина да се распише тендер за доградба и да почнат градежните работи“, вели Томовски.
Според проектот на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски, фасадите требаше да бидат во барок стил. Томовски вели дека ќе се направи измена и фасадата на објектите ќе биде модерна.
Според тендерот и договорот кој беше склучен со „Бетон Штип“, изградбата на зградата на ФИНКИ чини 10 милиони евра, а на Факултет за физичка култура 5,9 милиони евра.
Зградите стојат во фаза на карабина и почнаа да се уништуваат. При посилен ветер или невреме летаат парчиња од крововите на зградите и даски. Минувањето во овој дел е небезбедно.
Во март годинава, студентите од ФИНКИ протестираа пред Владата оти девет години чекаат да добијат свои простории.
А. АНТЕВСКА