ЌЕ СЕ ГРАДИ КАНАЛИЗАЦИОНЕН СИСТЕМ ЗА ДА ИМА ЧИСТА ИЗВОРСКА ВОДА НА ПЕЛИСТЕР

    ЌЕ СЕ ГРАДИ КАНАЛИЗАЦИОНЕН СИСТЕМ ЗА ДА ИМА ЧИСТА ИЗВОРСКА ВОДА НА ПЕЛИСТЕРПланирано е системот да се гради во фази и да ги опфати отпадните и фекални води од селата под Пелистер и туристичките објекти на планината кои досега имаа септички јами, па се загадуваше изворската вода. (Фото: СДК.МК)

    Годинава, Општина Битола вложува 14,5 милиони денари во доизградба на канализациониот систем во Потпелистерието. Планирано е тој да се гради во фази и да ги опфати отпадните и фекални води од селата под Пелистер и туристичките објекти на планината кои досега имаа септички јами, па се загадуваше изворската вода. Лани во изградба на канализацискиот систем беа вложени 6,1 милион денари.

    „Пелистер е нашиот најголем потенцијал за туристички развој. Овој колекторски систем треба да обезбеди да немаме повеќе проблем со фекалиите во овој крај, да овозможиме заштита на животната средина и инфрастуктурни удобности кои ќе значат сериозен развој на туризмот. А планираме да продолжиме со колекторскиот систем сѐ до до хотелот ’Молика’. На тој начин, во иднина нема да има загадување на водите во Пелистер. Со ова се прави проект кој на Битола и требаше години наназад“’, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Во завршна фаза е и склучувањето договор за изведба на пречистатителната станица, која ќе биде дел од колекторскиот систем.

    „Овој колекторски систем е во должина од 5,6 километри, со еден испуст од пречистителна станица за пречистените води да се спуштат во канал од 600 метри. Вредноста на целиот проект е 60 милиони денари, досега вложени се околу 20 милиони. Со завршувањето на оваа фаза од градбата на колекторскиот систем ќе останат околу 4,5 километри за доизведба и вредноста на тој систем до спој со Детското одморалиште ќе чини околу 40 милиони“, рече Методија Силјановски, директор на ЈП „Нискоградба“.

    Проблемот со отпадните води на Пелистер се провлекува со години. Сместувачките капацитети и селата во Потпелистерието немаат канализација, а септичките јами ја загадуваат животната средина и планинските водотеци. Анализите на Центарот за јавно здравје секоја година покажуваат бактериолошки неисправна вода од селските водоводи, но и од јавните чешми на Пелистер.

    Од Општината најавија дека патот од месноста Црвени Петли до трафостаницата кон Пелистер, кој е во очајна состојба, комплетно ќе се реконстуира. Ова е втора година како битолчани не плаќаат билет за влез во Националниот парк Пелистер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира