Скриениот бисер на Пелистер, езерото Рупа, сместено под еден од најубавите врвови на Баба Планина, Р’жана (2.334 м н.в.), ќе се реставрира, а со плановите за обнова на Францускиот пат од Големо Езеро на Пелистер до Брајчино, Преспа, ќе биде достапно и за посетителите.
Досега малку се знаеше за ова глацијално езеро кое брзо пресушува, па среќа да го видат полно со вода имале само некои планинари. Меѓу нив е и планинарот Виктор Калаузи, кој со години го следи неговото формирање и водостој заедно со професорот по географија Никола Димитров.
Денес Националниот парк „Пелистер“ објави снимки направени со дрон од базенот на езерото и врвовите што го опкружуваат. Местото може да стане вистинска туристичка атракција на Пелистер.
Подетално, тоа се наоѓа веднаш под северниот гребен на Р’жана, најјужниот врв во рамките на Националниот парк „Пелистер“, а неговиот северен гребен е познат и под името Гарван. Базенот на глацијалното езеро Рупа е со дијаметар од околу шеесет метри и длабочина од околу два метра.
За време на Првата светска војна, низ природниот бедем на езерото бил ископан канал и водата била испуштена со цел базенот на езерото да се користи за потребите на тогашните војски. Затоа денес може да се забележи многу мала количина вода, и тоа само во текот на влажните периоди.
Веднаш под Францускиот пат, кој поминува покрај езерото Рупа, започнува зоната на строга заштита која покрива најголем дел од површината чија релјефна форма потсетува на природен амфитеатар исцртан со врвовите Балтан, Цуце, Р’жана, преку Лош Камен, Муза, Голема Грива, Орлов Врв, па сè до Големо Врвче. На оваа територија од НП „Пелистер“ може да се забележат субалпска букова и елова шума, придружени со боровинка и смрека.
„Станува збор за еден од најтешко достапните терени на Пелистер за сите посетители, но и за ренџерската служба. Денес активностите на ренџерите во тој дел се ограничени поради недостапноста на теренот. Во соработка со Македонското еколошко друштво, во периодот што следи заеднички ќе работиме на реставрација на езерото Рупа“, најавија од Националниот парк „Пелистер“.
Паркот планира да го обнови постојниот земјен Француски пат за ренџерската служба полесно да врши контрола, противпожарна заштита, мониторинг на биодиверзитетот и посета на туристи. Тој и понатаму ќе остане земјен и ќе биде преоден за теренски возила, велосипеди и пешаци. Патот сега е обраснат со вегетација и движењето по него е отежнато.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




