„Ќе умрете од мака“, им рече од говорницата координаторот на советниците од СДСМ Методија Илиевски, на колегите од опозицијата за време на бурната дискусија во битолскиот Совет, а потоа кажа дека сакал да им рече оти им е мака што сегашната власт се сетила да формира јавно претпријатије за паркинзи и јавен превоз во Битола, а не тие.
По ова, атмосферата во општинскиот Совет стана тензична. Советниците од опозицијата искокаа од советничките места, извикуваа „О, ова не може вака“ и на цел глас викаа дека се прекине седницата, некои стигнаа дури и до местото каде седеше претседателот на Советот. Беше дадена пет минути пауза, а на продолжението побараа извинување од Илиевски.
„Бараме од колегата да се извини и во иднина да не слушаме вакви навреди“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група од ВМРО-ДПМНЕ.
Габриела Илиевска, советничка од независната група Поинаку, рече „со лични навреди и закани од овој тип нити сме функционирале нити имаме намера да фукнционираме, навреда кон советник е навреда кон луѓето кои го гласале“.
Илиевски повторно излезе на говорница и рече дека не мислел лично да ги навреди, па ако има потреба од извинување ќе го направи и тоа.
„Всушност сакав да го кажам следното да, точно, мака ви е и ќе ви биде мака на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржуваа коруптивните договори кои ги склучуваше во изминатиот период Владимир Талески. Сите говоревме дека треба да се формира јавно претпријатие за паркинзи за да се среди хаосот во сообраќајот, но воопшто не беше потребно партиски профитери блиски до ВМРО-ДПМНЕ да добијат да ги стопанисуваат паркинзите за лични интереси“, рече Илиевски.
Со иницијативата на Општина Битола за формирање јавно претпријатие, идното лето кога ќе му истече договорот на приватниот концесионер за градските паркинзи тоа ќе стопанисува со нив, а ќе организира и локален јавен превоз.
Советникот Николче Јанкуловски од ПОДЕМ ваквиот чекор го оцени како популизам на власта пред референдумот и искритикува дека без подробна информација, анализа, студија, власта предлага формирање на претпријатието. Илиевска од Поинаку запраша зошто се чекало 11 месеци за да се покрене оваа иницијатива и зошто ќе се чека уште толку до формирањето.
Претседателот на Советот Валентин Груевски, кој е од ЛДП и од редовите на советничкото мнозинство, рече дека сите одлуки ќе се носат чекор по чекор.
„Сакаме парите на граѓаните кои ги плаќаат за паркирање да одат во општинската каса, односно во касата на јавното претпријатие, а ќе биде во сопственост на Општина Битола. Неколку пати во изминатиот состав имавме иницијативи за одземање на концесионерството од приватнииот концесионер. И денес тврдам дека цената која ја наплаќа концесионерот е надвор од одлуката која ја донесе еден од претходните совети. Требаше да биде 30 денари паркирање за 2 часа и плус 10 денари за секој нареден час. Сега е 30, плус 30, плус 30. Ако не дај боже го заборавите телефонот вечерта ви стигнува сметка од 500 до 600 денари, како да сте се паркирале во Њујорк“, рече Груевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА