Две години Град Скопје го прави кружниот тек кај „Хубо маркет“ и уште не е готов. Клучката пак кај Момин поток нема абер, градежните работи се во почетна фаза, на терен уште не се наѕира клучката, туку досега само се копа ридот каде треба таа да се гради.
Овој дел и пред почетокот на градежните работи беше закрчен. Сега кога улицата е раскопана и градежни машини има насекаде, а се работи со бавна динамика, владее вистински хаос. Секој ден се создаваат гужви и километарски колони, а од дупките и прокопите сред улицата имаше цела година па граѓаните ги искршија колите.
При почетокот на градежните работи во јуни 2021 година, тогашниот градоначалник Петре Шилегов кажа дека кружниот тек и клучката ќе бидат готови за 2 и пол години со што Скопје ќе добие еден нов модерен лик. Но, овој рок нема да се испочитува бидејќи уште е на почеток изградбата на клучката која е најсложениот проект којшто Градот го работел. За две години Градот не успеа да го изведе ниту кружниот тек што е едноставно сообраќајно решение.
Градоначалничката Данела Арсовска воопшто не збори за овој проект ниту пак информира како течат градежните работи односно зошто се одвиваат со толку бавна динамика. Пред пола година на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК од нејзиниот кабинет само кусо ни рекоа дека изградбата на проектот „Клучка Момин Поток“ нема никаков застој и рокот за изведба е до февруари 2024 година. Но, според работите на терен овој рок нема шанси да се испочитува.
Изградбата на кружниот тек и клучката чинат 18 милиони евра.Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем.
Според проектот, со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи, а вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина.
А. АНТЕВСКА