КЛАВИРОТ ОД ПЛАСТИКА КОЈ ГО ПОСТАВИ ТАЛЕСКИ Е ТРГНАТ ОД КРУЖНИОТ ТЕК ВО БИТОЛА, НА НЕГОВО МЕСТО ЦВЕТНА ЛЕА

    КЛАВИРОТ ОД ПЛАСТИКА КОЈ ГО ПОСТАВИ ТАЛЕСКИ Е ТРГНАТ ОД КРУЖНИОТ ТЕК ВО БИТОЛА, НА НЕГОВО МЕСТО ЦВЕТНА ЛЕАКлавирот беше поставен во 2014 како декорација на кружниот тек додека на власт беше градоначалникот Владимир Талески. (Фото: СДК.МК )

    Клавирот од плексиглас, поставен пред шест години на кружниот тек на улицата Васко Карангелевски во Битола, е отстранет, а на негово место градските комунални служби садат цветна леа. Директорот на Јавното претпријатие „Комуналец“ Панде Богоевски вели дека клавирот беше во дотраена состојба, со отвори низ пластиката, оштетен од атмосферските влијанија, па го тргнале. На кружниот тек се работи и цветниот аранжман конечниот лик ќе го добие во вторник.

    Во иднина, ако градските власти се одлучат на тоа место да има пијано, тоа ќе биде изработено од траен материјал.

    На кружниот тек се работи и цветниот аранжман конечниот лик ќе го добие во вторник. (Фото: СДК.МК)

    Инаку, клавирот беше поставен во 2014  како декорација на кружниот тек додека на власт беше градоначалник Владимир Талески. Експонатот ја симболизираше историјата на Битола како град на клавири, но дел од битолчани го критикуваа неговиот изглед зашто во периодот кога во Скопје се градеа споменици, наместо скулптура од клавир, во Битола беше поставен инструмент од плексиглас. Воедно, критиките беа и во наскока на тоа дека тогашната власт го објави Офицерски дом на продажба сосе концертна сала каде низ историјата свиреле врвни пијанисти, а од друга страна Општината го украси кружниот тек кај „Веро“ со клавир за да асоцира на музичката традиција.

    Сега клавирот е повлечен, а се реставрира Офицерскиот дом кој во иднина ќе биде Центар за култура.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари