КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА ДОБИ РЕНДГЕН АПАРАТ

    КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА ДОБИ РЕНДГЕН АПАРАТПациентите од Битола и Пелагонија повеќе нема да бидат упатувани во други установи поради недостапност на рендген апарат.(Фото: СДК.МК)

    Пациентите од Битола и Пелагонија повеќе нема да бидат упатувани во други здравствени установи за да направат рендген снимања. Во Клиничката болница во Битола инсталиран е нов, современ дигитален рендген апарат. Инвестицијата на апаратот е 7 милиони денари со вклучен ДДВ, а набавен е со поддршка на Владата.

    Од Клиничката болница велат дека целта е значајно унапредување на здравствените услуги и подобрување на дијагностичките капацитети во установата.

    „Станува збор за високо квалитетен апарат за дигитална радиографија, монтиран на под, кој овозможува прецизно, брзо и безбедно снимање. Целосно е дигитален и испорачува дијагностички слики со врвен квалитет, веднаш достапни преку работната станица поврзана со ПАКС системот на болницата“, соопштија од Болницата.

    Апаратот е опремен со два панел детектори со што целосно се избегнува ризикот од нивно оштетување, што во минатото доведуваше до нефункционалност и прекин на услугите. Сега, не постои потреба од пренесување на панелите меѓу позиции, што обезбедува постојана достапност на рентген услугите.

    „Пациентите од Битола и Пелагонија повеќе нема да бидат упатувани во други установи поради недостапност на рендген апарат, а високиот квалитет на снимките овозможува прецизна дијагностика и побрзо започнување соодветна терапија. Ова води кон функционално, модерно и еднакво достапно јавно здравство за сите граѓани“, велат од Болницата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира