КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА НЕДОСТИГОТ НА СПЕЦИЈАЛИСТИ ГО НАДОПОЛНУВА СО ВИЗИТИНГ ДОКТОРИ ОД СКОПЈЕ

    КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА НЕДОСТИГОТ НА СПЕЦИЈАЛИСТИ ГО НАДОПОЛНУВА СО ВИЗИТИНГ ДОКТОРИ ОД СКОПЈЕБитолската болница подолг период се соочува со недостиг на медицински кадар. (Фото: СДК.МК)

    Со осум визитинг специјалисти доктори од скопските клиники и институти, Клиничката болница од Битола го надополни недостигот на лекарски кадар на Одделенијата за педијатрија, неврохирургија, детска и општа хирургија. Битолската болница подолг период се соочува со недостиг на медицински кадар, а новата в.д. директорка Елизабета Ивановска која на функција стапи пред два месеца најави дека нема да дозволи затворање на ниту едно одделение.

    „Се обезбедија нови доктори специјалисти и супспецијалисти кои имаат големо работно искуство и се докажани и посветени професионалци со врвна експертиза. ЈЗУ Клиничка болница Битола е на патот на успешен пресрет на потребите на нашите пациенти во соработка и поддршка од страна на министерот и Министерството за здравство. Новиот визитинг медицинскиот кадар е искусен, стручно оспособуван и е со голем потенцијал за натамошен напредок на одделите и одделенијата при лекување на граѓаните на Битола и регионот”, соопштија од болницата.

    Одделение за педијатрија, каде беше останат само еден специјалист, е комплетирано со три визитинг доктори кои ќе вршат специјалистички здравствени услуги од областа на педијатријата. Тие доаѓаат од ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле. Со нив ќе овозможи непрекината деноноќна служба на Одделението за педијатрија и негова функција 24/7. Визитинг докторите започнаа со дежурства од ова сабота, 17 јуни.

    Во Одделение за неврохирургија збогатен е искусниот тим на неврохирурзи со четворица визитинг доктори кои ќе вршат специјалистички здравствени секундарни и терциерни услуги од областа на неврохирургијата. Меѓу нив е и поранешниот заменик министер за здравство, битолчанецот Владимир Рендевски.

    Овие доктори доаѓаат од ЈЗУ Универзитетска Клиника за неврохирургија-Скопје. Од Битолската болница соопштија дека се обучени да користат најсовремени методи и работат според светски стандарди при интервенции од областа на неврохирургијата.

    „Моментално одделението за неврохирургија располага со доволен број медицински персонал кој може да одговори на предизвиците на лесни неврохирушки случаи, како и интервенции од посложен карактер. Докторите се на распоред за дежурства на одделението за неврохирургија за месец јуни 2023 година”, соопштија од болницата.

    Доктор супспецијалист од ЈЗУ Универзитетска Клиника за торакална и васкуларна хирургија Скопје, кој ја извршил првата операција на проширени вени во Болницата во Битола во 2018 година, ја продолжува соработката со установата на Одделението за хирургија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира