КЛУЧКАТА КАЈ МОМИН ПОТОК ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА ДО НОВА ГОДИНА, НАЈАВИ ЃОРЃИЕВСКИ

    КЛУЧКАТА КАЈ МОМИН ПОТОК ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА ДО НОВА ГОДИНА, НАЈАВИ ЃОРЃИЕВСКИВладата обезбеди околу 970 илјади евра за клучката кај Момин Поток. (Фото: Град Скопје)

    Седумдесет и пет отсто од радежните работи на клучката кај Момин Поток во Скопје се реализирани. Овој потег ќе биде завршен до Нова Година, а по пуштањето во употреба сериозно ќе го намали метежот и ќе овозможи сигурен, безбеден сообраќај, рече денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

    „Пред седум месеци клучката беше во целосна стагнација, процесите беа блокирани и имаше само 10 отсто експропријација, а сега експропријацијата е 100 проценти решена. Сите граѓани се целосно исплатени од страна на Градот. Денес сме во фаза кога 75 проценти се реализирани од клучката и, како што ветив, до Нова година овој потег ќе биде целосно завршен. Станува збор за комлексен проект кој има два километра потпорни ѕидови, пешачки и велосипедски патеки. Се работи на пет мотови, последните се во финална фаза“, кажа градоначалникот.

    Ѓорѓиевски додаде дека до Нова Година ќе бидат завршени уште два проекта: мостот на реката Серава кој се проширува и мостот на Љубљанска. Се работи и на булеварот Борис Трајковски, а во август ќе почнат работите и на мостот што ги поврзува Гази Баба и Аеродром.

    Владата обезбеди 60 милиони денари (околу 970 илјади евра) за клучката кај Момин Поток.

    Клучката кај Момин Поток почна да се гради во јули 2021 во време на ексградоначалникот Петре Шилегов и треба да го намали метежот на влезот и излезот од Скопје. За таа цел се предвидува изградба на два кружни тека. Првиот на крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи е готов, а вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек, улицата продолжува до крстосницата со булеварот Словенија, каде што се поврзува и со булеварот Босна и Херцеговина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира