КОКО ИЗЛЕЧЕН ВО ХОЛАНДИЈА СЕ ВРАТИ ДОМА

    КОКО ИЗЛЕЧЕН ВО ХОЛАНДИЈА СЕ ВРАТИ ДОМАПосле 10 година откако замина на ресоцијализација во Центарот за заштита на животни во Амстердам Холандија, Коко се врати во Скопје. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Шимпанзото Коко денеска се врати дома, во скопската Зоолошка градина. После 10 години откако замина на ресоцијализација во Центарот за заштита на животни во Амстердам Холандија, Коко во Скопје пристигна заедно со три шимпанза, две женки и едно машко.

    Коко и другарите Мими, Роси и Хјасл пристигнаа од Холандија со камион заедно со зоо негуватели кои со години се грижеле за нив. Еден по еден беа внесувани во новото живеалиште, каде ќе бидат во карантин околу еден месец за да се навикнат на новата средина.

    Во Скопје, Коко и тројцата другари ќе живеат во огромно живеалиште според светски стандарди, какво што бараат светските организации за заштита на животните. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „ Во Скопје, Коко и тројцата другари ќе живеат во огромно живеалиште според светски стандарди, какво што бараат светските организации за заштита на животните. Има двоспратен внатрешен дел, со додатни простории за одмор, преглед и карантин. Надворешниот дел пак е збогатен со голем број реквизити, но е и оддалечен од публика, со цел шимпанзата да го имаат својот мир и да не бидат вознемирувани од посетители. Живеалиштето се градеше долго време, бидејќи навистина за чување шимпанзо има многу посебни услови и критериуми кои треба да се исполнат“, велат од скопската Зоолошка градина.

    Мими има 57 години и пред да биде донесена во Центарот била дел од циркус. Роси и Хјасл имаат 38 година, а кога имале 6 месеци биле донесени во Австрија од Африка за лабораториски истражувања за СИДА.

    Шимпанзото Мими има 62 години. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Коко има 24 години, роден во Скопје и откако умре мајка му беше единствено шимпанзо во Зоолошката. Поради тоа што беше осамен покажуваше знаци на анксиозност, па беше испратен на ресоцијализација во Центарот во Холандија, во кој престојуваат животни кои се спасуваат од целиот свет. Оттогаш во скопската Зоолошка нема шимпанза.

    „Коко беше излекуван за една година откако отиде во Холандија, но не можеше веднаш да се врати оти немаше соодветни услови во старото живеалиште. Затоа е направено комплетно ново не само за него туку и за другарите со кои изминатите години се дружеше“, велат од скопската Зоолошка градина.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира