Прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата ќе предизвика огромни штети, целта не е заштита, туку продавање на чиста питка вода од езерото, алармираат дел од граѓанските организации од Охрид. Според нив, ова е само начин да се стави стопан на езерото.
„Нашата забелешка на првичниот предлог да се формира ново јавно претпријатие за управување, што подразбира и стопанисување со езерото, беше прифатена. Јасно кажавме дека газда на езерото не може да има затоа што тоа е национално јавно добро и како такво е сопственост на сите граѓани. Со овој Предлог-закон, кој помина на собраниска расправа, ингеренциите за управување ги префрлија на ЈП ‘Колекторски систем‘, кое ќе менаџира, ќе управува и ќе го заштитува, а воопшто нема капацитет за тоа. Тоа е институција која ги одведува фекалиите во колекторскиот систем што не функционира“, вели граѓанскиот активист Никола Киселинов.
Тој вели дека за грижата и заштитата постојат надлежни институции и закони, но истите не се спроведуваат. Заштитата и управувањето од аспект на флора и фауна во езерото се во надлежност на Хидробиолошкиот завод, Завод и Музеј ја има заштитата во делот на културното наследство, за безбедноста е надлежна полицијата, Капетанијата за водениот сообраќај и слично.
„Не можете вие да ѝ ги одземете ингеренциите на полицијата и да ги дадете на нов субјект, полицијата е таа која врши безбедност на езерото. Постоечките институции, ги има околу 20, функционираа и досега, само што не се спроведуваа законите. Во позадина на сите овие игри не стои ништо друго туку продавање на чистата питка вода од Охридското Езеро. Наредниве 20 години ќе биде борба за свежа и чиста вода за пиење на нашава планета, а Охридското Езеро е огромен резервоар за Европа и пошироко“, вели Киселинов.
Ѓоко Зороски од „Екотуризам 2016“ од Охрид вели дека носењето на законот е обврска според препораките на УНЕСКО, но најважен е Планот за управување за да се зачуваат универзалните вредности на езерото, како и формирање научен совет во рамките на ЈП „Колекторски систем“, составен од стручни лица.
„Генерално го поддржуваме предлог-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата како една од обврските на државата пред УНЕСКО и согласно многуте конвенции поврзани со природното и културното наследство. Многу важен момент ќе следува со изработката и донесувањето на планот за управување со езерото. Во него треба мудро да се осмислат мерки со конкретни рокови и средства за да се зачувуваат клучните еколошки процеси и карактеристики кои придонесуваат за исклучителните универзални вредности на доброто. Тука особено внимание треба да се посвети на спречување на рибокрадството, управување со отпадот, урбанизација и зајакнување на човечките капацитети за управување и, секако, државата треба да издвојува многу повеќе финансии за езерото отколку во изминатите децении“, вели Зороски.
Реакции за Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата имаат и спортските риболовци. Според нив, ЈП „Колекторски систем“ нема капацитет да управува со Охридското Езеро и со комплексното прашање за заштитата на ендемичните видови риби.
С. ВРЕНЦОВСКА