СО ЗАКОНОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА, ВЛАДАТА ГО ПРЕКРШИ МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО ЗА ЕЗЕРОТО И ПОСТАПИ СПРОТИВНО НА УСТАВОТ, ВЕЛАТ ОД ФРОНТ 21/42

    СО ЗАКОНОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА, ВЛАДАТА ГО ПРЕКРШИ МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО ЗА ЕЗЕРОТО И ПОСТАПИ СПРОТИВНО НА УСТАВОТ, ВЕЛАТ ОД ФРОНТ 21/42Владата одлучила без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, реагираат од здружението Фронт 21/42. (Фото: СДК.МК)

    Спротивно на препораката на Бернската конвенција, Владата на седница го усвои текстот на Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, реагираат од здружението Фронт 21/42. Оттаму велат дека во декември 2023, во рамки на случајот за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, Постојниот комитет на Бернската конвенција ја усвои Препораката 221 (2023), која има 15 точки.

    „Точката бр. 7 гласи: ‘Да се ревидира предложениот концепт на зонирање, како и дозволените и забранетите активности во Студијата за валоризација на Охридското Езеро пред да се усвои Законот за репрогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, како и Нацрт-планот за управување со Охридското Езеро, за да се адресираат ефективно реалните закани, да се обезбеди заштита и врска со Студенчишко Блато и да се спроведат меѓународните (ИУЦН) стандарди за заштитени подрачја“, велат од еколошкото здружение на граѓани.

    Според нив, Владата и Министерството за животна средина, кое е одговорно за овој закон постапува спротивно на препораката но и спротивно на член 118 од Уставот, кој недвосмислено ја дефинира обврската на институциите за спроведување на меѓународните договори, каква што е Бернската конвенција: Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

    „Во коренот на проблемот е Студијата за валоризација, која е основа на Законот за прогласување, а која не ги содржи законски обврзните информации, ниту го спроведува Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион“, велат од Фронт 21/42.

    Според Законот за заштита на природата, целта на секоја Студија за валоризација е да ја утврди реалната состојба на вредностите на подрачјето. Востановената пракса за утврдување на реалната состојба на вредностите е да се спроведат истражувања на терен од страна на тим научници, во определен период, најмалку една година, за да се следат состојбите во различните сезони, да се соберат реални, актуелни податоци за клучните видови и живеалишта, да се увидат реалните закани, итн. Врз основа на научните извештаи од терен потоа се предлагаат зони на заштита, дозволени и забранети активности и слично.

    „За Студијата за валоризација на најстарото езеро во Европа не беше спроведено ниту едно истражување. Наместо тоа, набрзина во период од неколку месеци, се направи селекција на информации од постоечки документи и оваа компилација се наслови ‘Студија за валоризација на Охридското Езеро’. За илустрација на содржината на Студијата ќе наведеме само еден факт – охридската пастрмка не е меѓу клучните видови за езерото. Спротивно на Планот за управување со светското наследство, кој налага во рамки на Студијата да се анализира потребата за проширување на заштитниот крајбрежен појас на езерото – авторите целосно го игнорираа овој исклучително важен дел за заштитата на Охридското Езеро. Сето ова се случуваше во периодот пред сесијата на Комитетот за Светско наследство во јули 2021 година, на која по втор пат се гласаше за впишување на Охридскиот Регион на Листата на светски наследства во опасност – на Владата и требаше итно да ја покаже познатата ‘целосна посветеност кон заштитата на светското наследство’“, додаваат од Фронт 21/42.

    Сега, велат оттаму, повторно, непосредно пред најавената (трета по ред) реактивна мониторинг мисија, се финализира постапката за усвојување на Законот за прогласување, што веројатно ќе биде еден од „доказите“ за „посветеноста“ и „исполнување на последната Одлука на УНЕСКО“, а во реалноста нејзино прекршување.

    „Имено, со последната Одлука УНЕСКО бара итно да се заврши процесот на прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата и Студенчишко Блато за Парк на природата, но клучен е вториот дел од таа реченица – ‘и да осигура дека мерките за управување ги зачувуваат клучните еколошки процеси и карактеристики кои придонесуваат за исклучителните универзални вредности на доброто’. Мисијата на Бернската конвенција во април 2023 година потврди дека предложените зони и дозволени и забранети активности, кои се клучни мерки за заштита на вредностите, се базираат на Студија со застарени податоци, во која се прикажува поинаква состојба на живеалиштата од реалната“, велат од зружението.

    Заклучуваат дека со усвојување на текстот на Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, Владата и Министерството за животна средина го прекршија домашното и меѓународното законодавство и постапија спротивно на Уставот – се под превезот на „посветеност кон заштитата“, а реагираат и на назначувањето на ЈП Колекторски систем Охрид за управувачко тело на Охридското Езеро, што според нив е во најмала рака запрепастувачко и бара посебна анализа.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира