КОМБИЊА ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ОСТАВААТ КУЧИЊА СКИТНИЦИ ВО КАВАДАРЦИ

    КОМБИЊА ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ОСТАВААТ КУЧИЊА СКИТНИЦИ ВО КАВАДАРЦИКучиња скитници пред општинската зграда во Кавадарци (Фото: СДК.МК)

    Комбиња со регистарски таблички од други градови оставаат кучиња во Кавадарци во последните неколку месеци, тврди кавадаречкото здружение за заштита на животните „Аними реино“. И градоначалникот на Кавадарци Александар Панов смета дека ова навистина се случува во градот.

    Од здружението велат дека секојдневно ги хранат бездомните животни и самите забележале дека има голем број кучиња кои не ги  гледале тука претходно.

    „Од друга страна пак, некои од постојаните кучиња кои беа вообичаено на кавадаречките улици, ги нема. Но освен тоа, сите нови кучиња имаат по некоја болест  која за среќа не е пренослива на луѓе“, велат од здружението.

    Кавадаречкото здружение за заштита на животните „Аними реино“ вели дека секојдневно ги хранат бездомните животни и забележале дека има голем број кучиња кои не ги гледале тука претходно (Фото: СДК.МК)

    Велат дека не можат со сигурност да тврдат оти вакво нешто навистина се случува во Кавадарци, па затоа апелираат до кавадарчани да им помогнат за вистината да излезе на виделина.

    „Кога ќе ни кажат само нам дека го виделе настанот нема да променат  ништо, затоа што не сме биле таму и немаме никакви дополнителни докази и информации. Затоа, замолуваме секого што ќе забележи ваков случај веднаш да повика полиција, да запише регистарски таблички, да слика или снима, обавезно да ги слика кучињата, за да може да се спречи евентуалното такво нешто“, велат од „Аними реино“.

    Од здруѓенуето апелираат жителите да не ги бркаат и шутираат кучињата скитници бидејќи тие така потоа се бранат и напаѓаат.

    „Ние згрижуваме додека има простор, но не сме семоќни, некои ги лечиме и додека се на улица, затоа бараме разбирање од ваша страна, доколку не можете да помогнете, не одмагајте“, апелираат д здружението.

    Сомнеж дека се заловуваат кучиња скитници од една општина и се пуштаат во друга, изрази  и кавадаречкиот градоначалник Александар Панов.

    „Има појави на фаќање кучиња од една општина и пуштање во атарот на друга, мислам дека тоа е еден некоректен однос на некои мои колеги или на некои луѓе кои што работат во тие општини, тие да си го решат проблемот од својот двор, а да го фрлат во дворот на други општини.  Такво нешто, според моите сознанија, имало во Демир Капија, значи туѓи комбиња растовараат кучиња скитници за да не ги убијат, а сигурен сум дека и во општина Кавадарци се има тоа случено. Точно не знам од кои општини се прави ова, меѓутоа факт е дека почнуваме веќе да се сретнуваме со ваков феномен, а веќе почнуваме и да плаќаме казни за каснување од куче скитник, па ако тоа продолжи така финансиски ќе се одрази на локалната самоуправа“, вели Панов.

    Тој вели  дека преку ребалансот на општинскиот буџет се издвоени екстра пари за решавање на проблемот со кучиња скитници. Тој нагласува  дека решавањето на проблемот мора да опфаќа хуман третман кон кучињата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира