КОМИСИЈАТА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ЌЕ ГО ТУЖИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ОТИ НЕМА УЧЕБНИЦИ

    КОМИСИЈАТА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ЌЕ ГО ТУЖИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ОТИ НЕМА УЧЕБНИЦИОд формирањето досега, во период од две и пол години, Комисијата работела на околу 850 претставки од кои половина се во првите девет месеци од оваа година.(Фото: СДК.МК)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) заедно со Македонското здружение на млади правници подготвува тужба за Министерството за образование и наука (МОН) за ненавремено обезбедување на учебници за сите ученици како основно средство за изведување на настава. На почетокот на учебната година од вкупно 123 учебници недостигаа 46 што е една третина од потребните учебници во образовниот процес.

    „Највисоко ниво на заштита од дискриминација дава Судот. Комисијата носи одлука и таа се спроведува. Ќе поднесеме пред граѓански суд тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес поради недостиг на учебници. Комисијата е една странка од спорот која започнува со стратешко застапување на интересита на учениците. Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование а тоа значи учебник по секој наставен предмет во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата. Тужена ќе биде државата односно Министерството за образование и наука“ вели Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во соработка со ОБСЕ денеска во Струга ги информираа граѓаните на кој начин можат да поднесуваат претставки доколку се дискриминирани од органите на државната управа или приватни субјекти.

    Од формирањето на Комисијата досега, во период од две и пол години, Комисијата работела на околу 850 претставки од кои половина се во првите девет месеци од оваа година.

    Според Бендевска, дискриминација има на секој чекор и по секоја дискриминаторска основа, но не секоја повреда на право значи дискриминација.

    „Најчесто, тоа е вознемирувачки говор преку социјалните мрежи. Комисијата тука ги зема предвид од една страна правото на слобода на изразување и на говор кое исто така е загарантирано со Устав и со европската конвенција за човекови права, но тие права не се семоќни и апсолутни. Тие завршуваат во моментот кога се повредува туѓо право. Комисијата има утврдено кога се пречекорила црвената линија и со написи на социјалните мрежи се повредило нивното чувство на достоинство само поради тоа што се Бугари со бугарска самосвест, но тие се во многу помал број од оние каде сме утврдиле дека сепак слободата на изразување и на говор е загарантирана“, вели Бендевска.

    Структурната дискриминација има најширок обем како недостигот со учебници и необезбедувањето на бесплатен превоз на студентите и средношколците од приватните гимназии и факултети.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира