КОМПАНИИ ОД ВЕЛЕС И КАВАДАРЦИ СЕ ОТВОРААТ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ КОИ ПО ГЕРМАНСКИ СИСТЕМ ПОСЕТУВААТ ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ

    КОМПАНИИ ОД ВЕЛЕС И КАВАДАРЦИ СЕ ОТВОРААТ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ КОИ ПО ГЕРМАНСКИ СИСТЕМ ПОСЕТУВААТ ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕДелегацијата на Германското стопанство во Северна Македонија денеска им подели ранци на учениците од Велес и Кавадарци (Фото: СДК.МК)

    Учениците од прва година од Велес и Кавадарци кои посетуваат дуално образование денеска добија ранци од делегацијата на Германското стопанство во Северна Македонија. Десетте ученици од профилот техничар за производно машинство од велешкото средно училиште „Коле Неделковски“ изведуваат пракса во две велешки компании, „Маркард“ и „Брако“. Во Кавадарци, учениците по индустриска мехатроника од средното стручно училиште „Киро Спанџов-Брко“ ја извршуваат практичната обука во „Дрекселмајер“.

    „Тоа што компаниите вклучени во овој процес инвестираат во локалното образование им го отвора патот на учениците за градење на нивната натамошна кариера токму во овие компании. Искористете ги сите предности кои ви се овозможуваат таму, научете ја нејзината филозофија на работа, навлезете во производниот процес, стекнете се со практични знаења. Тоа ќе ви го отвори патот за градење на вашата кариера во рамките на професијата која ја изучувате“, кажа Патрик Мартенс, претставник на делегацијата.

    Ранците на учениците им ги врачи министерката за образование Мила Царовска.

    „Практичното, дуално образование е одличен начин младите уште во текот на средното образование да се насочат кон професии кои се барани од компаниите, но и да дознаат што значи работа во реални услови. На овој начин обезбедуваме поголема вработеност на младите кои го завршиле стручното образование. Дури и во вонредни услови во кои се одвива образовниот процес оваа година овозможивме учениците од средните стручни школи да ја продолжат практичната настава. Компаниите ја препознаваат потребата да вложат за идниот кадар кој им е потребен“, рече министерката Царовска.

    Во програмата за дуално образование се вклучени седум училишта од седум општини и 12 компании. Дуалното образование се реализира во Велес, Кавадарци, Охрид, Битола, Прилеп, а од оваа година и во Скопје и Тетово. Запишани биле 85 ученици во прва година, а заедно со ланските, оваа учебна година дуално образование посетуваат вкупно 220 ученици.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира