КОМПАНИЈАТА ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА ИМ СЕ ЗАКАНИ СО ТУЖБИ НА АКТИВИСТИ ЗА ФЕЈСБУК СТАТУСИ ПРОТИВ РУДНИКОТ

    КОМПАНИЈАТА ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА ИМ СЕ ЗАКАНИ СО ТУЖБИ НА АКТИВИСТИ ЗА ФЕЈСБУК СТАТУСИ ПРОТИВ РУДНИКОТОпомените ги сметаме како притисок да нѐ замолчат - активистот Стојан Велков Трн со опомените што ги добиле од адвокатската канцеларија што го застапува концесионерот (Фото: СДК.МК)

    Членови од здружението „Здрава котлина“ од Струмица добија опомени пред тужби од компанијата Еуромакс ресурсис за изнесени ставови на своите фејсбук профили од пред еден месец. Станува збор за активисти кои се против изградба на рудникот кај Иловица и постојано се активни на социјалните мрежи изнесувајќи ставови со кои сметаат дека во овој земјоделски регион не е потребен рудник. Деновиве, на нивните адреси стасале опомени од адвокатското друштво на компанијата, со кои побарале да се извинат за изнесените ставови или во спротивно ќе добијат тужби.

    Стојан Велков-Трн вели дека сите ставови што ги изнесуваат на нивните фејсбук профили се извлечени од студиите што се јавно објавени од компанијата.

    „Опомените ги сметаме како притисок да нѐ замолчат. Сѐ што сме кажале на нашите фејсбук профили се дел од нивните студии, така што ако ние шириме дезинформации тогаш и тие ја манипулираат јавноста, бидејќи нашите ставови ги влечеме од нивните јавно достапни документи и студии. Ова е класичен начин на заплашување. Тие удираат во сржта на оние луѓе кои најмногу се запознаени и контуинирано кажуваат за штетноста на рудникот”, изјави Стојан Велков-Трн активист кој доби опомена пред тужба.

    Од Еуромакс ресурсис истакнуваат дека активистите на социјалните мрежи шират невистини и дезинформации со кои се нарушува угледот на компанијата која котира на светски берзи и затоа побарале да се извинат, бидејќи сѐ што кажале било неаргументирано.

    ,,Еуромакс Ресурсис ја известува јавноста дека согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета побара од одредени поединци да се извинат за паушалните и манипулативни изјави кои ниту се поткрепени со факти ниту со експертско мислење. Истите беа објавени на социјалните медиуми со цел да наштетат на реномето на Еуромакс, како и на проектот Иловица – Штука, а со тоа и врз вредноста на акциите на компанијата, која котира на берзата во Торонто”, стои во соопштението од компанијата
    Владата уште нема конкретен став што со рудникот кај Иловица. Премиерот Зоран Заев на последната средба со жителите од општините Босилово и Ново Село не конкретизираше дали ќе се даде дозвола на Еуромакс кој тврди дека рудникот нема да загадува и најавува инвестиција од 350 милиони евра.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира