КОЊАНОВСКИ БАРА ДА СЕ ОТПОВИКА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ И ДА СЕ ИЗГЛАСА НОВ, ИЛИЕВСКА ВЕЛИ НЕ ОТИ Е ИЗГЛАСАН ОД МНОЗИНСТВОТО СОСЕ СОВЕТНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    КОЊАНОВСКИ БАРА ДА СЕ ОТПОВИКА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ И ДА СЕ ИЗГЛАСА НОВ, ИЛИЕВСКА ВЕЛИ НЕ ОТИ Е ИЗГЛАСАН ОД МНОЗИНСТВОТО СОСЕ СОВЕТНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕНеизвесно е што ќе се случува со ребалансот на буџетот на Општина Битола; - градоначалникот Коњановски и претседателката на Советот Иливеска. (Фото: СДК.МК)

    Неизвесно е што ќе се случува со ребалансот на буџетот на Општина Битола. Градоначалникот Тони Коњановски бара на следната седница на Совет да се отповика изгласаниот ребаланс на 11 јули зашто не може да се вчита во буџетската рамка од Министерството за финансии. Тој до советничките групи на разгледување го достави новиот предлог која очекува да биде изгласан.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска, која денеска одржа прес-конфренција, праша како може да се поништи ребаланс донесен едногласно од сите советници, со исклучок на Левица, за кој гласаа и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, партија од која е и градоначалникот на Општината, Коњановски?

    „Апсолутно немам намера да го разгледам, зашто имаме донесен ребаланс за кој формиравме и групи и тие требаше да работат да влезат тие средства во рамката предвидена од Министерството за финансии. Не може Советот да носи нов, кога веќе имаме ребаланс објавен со службен гласник и кој во себе содржи амандмани кои овде ги изгласале мнозинството советници. На први август градоначалникот го објавил ребалансот. Незаконски е да пушташ нов ребаланс ако имаш усвоен кој е објавен во Службен гласник“, рече Илиевска.

    Изгласаниот ребаланс во себе содржи и амандмани од опозицијата, а новопредложениот само дел од нив. Коњановски вели дека претходниот ја надминува дозволената финансиска рамка за 116 милиони денари, па мора да се отповика. Ќе разговара со советниците за постапката да не оди по судски пат.

    „Направивме нов, рекомпониравме, уваживме дел од предлозите, за кои ќе разговареме на координативниот состанок, се̍ за добробит на граѓаните за да не одиме преку судски инстанци. Градот не смее да биде блокиран. Во него се ставени сите предлози што можат да се вчитаат финансиски, а и за други ќе раговараме. Сега на следната седница треба да се отповика од службеното гласило на Општина Битола и одиме со новиот ребаланс“, рече Коњановски.

    Илиевска, која е од редовите на Поинаку, независна граѓанска иницијатива која беше дел до мнозинството со ВМРО-ДПМНЕ, но го напушти незадоволна од сработеното на локалната власт, се пожали на игнорантен однос на градоначалникот и Општината со која комуницираат написмено или преку медиумите.

    „Градоначалникот неколку месеци наназад се колне дека сака да работи заедно, транспарентно, дека мора да ги оставиме политиките надвор од Советот итн. Јас како претседател на Советот и мојата советничка група во ниеден момент не сме исконтактирани од нив, за се̍ дознаваме од медиумите“, рече Илиевска.

    Коњановски, пак, рече дека постојано преку јавноста ги повикува советниците.

    „Не знам како лично да се покани, велам вратата за сите е отворена, јавно ги повикав сите и ќе оствариме средба за рабалансот. Не гледам зошто некој се осетил обесправен“, рече тој.

    Деновиове завршува одморот на советниците и до крајот на август треба да биде одржана следната седница на Советот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира