КОЊАНОВСКИ ПОБАРА ОБЈЕКТОТ „ПАРК“ ДА СЕ НАПРАВИ СО ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛTУРА, А ИЛИЕВСКА МУ РЕЧЕ ДЕКА ПРОТИВ НЕГО ИМА ИСТРАГА ЗА ЕВРОПСКИОТ ПРОЕКТ

    КОЊАНОВСКИ ПОБАРА ОБЈЕКТОТ „ПАРК“ ДА СЕ НАПРАВИ СО ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛTУРА, А ИЛИЕВСКА МУ РЕЧЕ ДЕКА ПРОТИВ НЕГО ИМА ИСТРАГА ЗА ЕВРОПСКИОТ ПРОЕКТОпштината без согласност на Советот потпиша анекс кон основниот договор за пренамена на парите издвоени од ЕУ, наместо за „Парк“ за изградба на велосипедски патеки. (Фото: СДК.МК)

    Наместо со европски пари, како што беше првично предвидено во проектот „Смарт фор ју ту“, Општина Битола планира некогашниот објект „Парк“ кој е дел од целината на Офицерскиот дом и е руиниран, да го реконструира со пари од Министерствотро за култура. Општината веќе поднела апликација на повикот за капитални инцестиции од областа на културата за 2024 година. Ден потоа, градоначалникот Тони Коњановски побара од Советот да даде согласност за апликацијата.

    Преку проектот „Смарт фор ју ту“ беше реконструиран Офицерскиот дом, а втората фаза требаше да биде опфатен и „Парк“. Претходно, Општината без согласност на Советот потпиша анекс кон основниот договор за пренамена на парите издвоени од ЕУ, наместо за „Парк“ за изградба на велосипедски патеки. За тоа, пак, како што од советничката говорница денес изјави претседателката на Советот Габриела Илиевска од Поинаку, против градоначалникот надлежните институции имаат покренато истрага.

    „Барам Советот да донесе заклучок за согласност за поднесената апликација. Барањето потврдува дека како градоначалник ги прифаќам вашите барања и забелешки за поголема транспарентност во однос на соработката меѓу Општината и Советот. На овој начин, покажувам и разбирање и на вашите заложби и забелешки кои се однесуваат на промената на одлуката за кофинанирање на проектот ‘Смарт фор ју ту’, каде понесени единствено од ентузијазам зашто во програмите на сите политички партии досега беа предвидени велосипедски патеки, а дополнително соочени со недостигот на финансиски средства за реконструкција на ‘Парк’, не побаравме од Советот измена на одлуката за кофинансирање пред склучување на адендумот за проектот. Ваквото однесување не е спротивно на законските прописи и правилата на ЕУ, но се согласувам дека влијае на транспаретноста“, рече Коњановски пред советниците на денешната седница на Советот.

    Тој посочи дека од Делегацијата на ЕУ јасно е укажано дека со одобрените средства не постои можност за реконструкција на „Парк“. Па, денес побара од советниците да донесат одлука за изменување на претходно донесената согласност за „Смарт фор ју ту“ и искористување на средствата за велосипедски патеки.

    Претседателката на Советот Илиевска рече дека е несериозно сега да се бара согласност од советниците кога против Коњановски за овој проект е отворена истрага.

    „По 8 месеци тортура врз советниците и медиумска туртура дека си го нејќеме градот, дека нејќеме велосипедски патеки, денес од говорница признавате дека ја изгазивте транспарентноста и си донесовте одлука своеволно без никаква согласност од никој од нас. Супер е што ни се извинивте, но треба да кажете дека е отворена постапка против вас во врска со европскиот проект. На 16 јануари, јас како претсед*ателка на Совет бев повикана да дадам изјава во предистражна постапка во врска со истото. Несериозно од вас е да барате Советот да носи каква било одлука во време кога имаме отворена постапка“, рече Илиевска.

    Советничката група на СДСМ минатата година до Основното јавно обвинителство поднесе пријава против Коњановски за пренамената на европските пари без согласност на Советот. Проектот е од времето на ексградоначалничка од СДСМ Наташа Петровска. Сегашниот градоначалник е од ВМРО-ДПМНЕ, а со Министерството за култура, од каде планираат да обезбедат средства, управува битолчанката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира