ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БИТОЛА КОЊАНОВСКИ ВО ДВА МАНДАТА ВЕТУВА НОВО УЧИЛИШТЕ ВО НАСЕЛБАТА БУКОВСКИ ЛИВАДИ, ОБЈЕКТОТ ПЕТ ГОДИНИ СТОИ ЗАПУШТЕН

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БИТОЛА КОЊАНОВСКИ ВО ДВА МАНДАТА ВЕТУВА НОВО УЧИЛИШТЕ ВО НАСЕЛБАТА БУКОВСКИ ЛИВАДИ, ОБЈЕКТОТ ПЕТ ГОДИНИ СТОИ ЗАПУШТЕНОд Општината велат дека се избрани изведувач и надзор и дека во тек се почетни активности, но работници немаше, а објектот стои запуштен. (Фото: СДК.МК)

    Поминаа пет години откако градоначалникот Тони Коњановски пред првиот мандат, на локалните избори во 2021 година, вети изградба на ново училиште во населбата Буковски Ливади во Битола. Ова е негов втор мандат кој почна во октомври 2025, а училиштето досега не е изградено.

    Наместо градба на нов училишен објект пред повеќе од една година и пред изборот за втор мандат, Коњановски најави реконструкција на постоечки руиниран објект во близина на училиштето кој ќе прерасне во училишна зграда. Во меѓувреме, учениците од 5 до 9 одделение од Буковски Ливади секојдневно патуваат и настава следат во ОУ „Коле Канински“ во Битола.

    Деновиве, на терен го затекнавме објектот сѐ уште запуштен. Одамна бил изграден до фаза на карабина, без врати и прозорци, на места со распаднати тули, проголтан од дива вегетација. Работници немаше. Но, од Општината велат дека се избрани изведувач и надзор и дека во тек се почетни активности.

    „Изведувачот е воведен во работа и деновиве веќе има активности таму. Тоа е еден објект кој беше запуштен, руина, многу блиску до училиштето, до самиот двор, односно во дворот на урбаната заедница во Буковски Ливади. Тој објект со измените доби намена за училиште, од 5 до 9 одделение, со оглед на тоа дека жителите таму веќе имаат основно училиште, петтолетка, и бараа нивните деца во населбата да продолжат да учат до деветто. Тоа ќе биде скромен објект. Руиниран е можеби повеќе од 25 години, стои така, а сега ќе ја добие својата намена во училишен објект“, изјави деновиве Коњановски на прашњето на САКАМДАКАЖАМ.МК до каде е изградбата на школото.

    Во ветувањето дадено на митингот на први октомври во 2021, Коњановски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник изјави дека предвидуваат планирање, проектирање и започнување на изградба на ново основно училиште во населбата Буковски Ливади која брои над 4.000 жители.

    „Тоа значи вистинска грижа и обезбедување квалитетно образование на најмладите со современи услови за вкупниот образовен процес“, рече тогаш Коњановски.

    Тој во февруари 2025, осум месеци пред Локалните избори на кои добри втор мандат, изврши увид врз руинираниот објект и најави дека ќе биде реконструиран во нова училишна зграда во населбата. Додаде дека општинската администрација активно работи на комплетирање на проектната документација. Предвидено е во постоечкиот објкет да има 5 училници, влезен хол, библиотека, помошни простории и санитарни јазли. Вкупната површина на објектот ќе изнесува 500 квадратни метри.

    Додека се очекува изградба на школото, Битола со години се соочува со намален број ученици, тренд што не ја одминува ни населбата Буковски Ливади. Според Годишниот извештај за работа на ОУ „Коле Канински“ за учебната година 2024/2025, во петтолетката во Буковски ливади имаше 105 ученици, односно во просек по дваесетина во генерација.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира