КОНСТИТУИРАН НОВИОТ СОВЕТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО, ЗА ПРЕТСЕДATЕЛ ПОВТОРНО Е ИЗБРАН БЕСАР ДУРШИ ОД БЕСА

    КОНСТИТУИРАН НОВИОТ СОВЕТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО, ЗА ПРЕТСЕДATЕЛ ПОВТОРНО Е ИЗБРАН БЕСАР ДУРШИ ОД БЕСАЗа Дурши гласаа вкупно 16 советници што претставува мнозинство од вкупно 31 член, односно 12 советници од Движење Беса и четворицата од ВМРО ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

    По вонредните избори на 20 август денеска се одржа конститутивна седница на Советот на Општина Тетово. За претседател на Советот повторно е избран Бесар Дурмиши од Движење Беса кој и во претходниот состав ја извршуваше оваа функција.

    За него гласаа вкупно 16 советници што претставува мнозинство од вкупно 31 член, односно 12 советници од Движење Беса и четворицата од ВМРО ДПМНЕ.

    „Очекувам овој Совет да биде конструктивен, да работи и да носи одлуки за доброто на граѓаните на Општина Тетово. Сега немаме време за чекање имаме многу работи, многу извештаи што не се поминати. Посакувам овој Совет да биде функционален и сите одлуки што ќе ги донесе да ги донесе за доброто на граѓаните. Треба да се донесат завршни сметки на Општината, на училиштата, ребаланс на буџет, има многу проекти што не се поминати. На втората и третата седница во септември и октомври сите овие проекти ќе поминеме за да можат претпријатијата да работат како што треба“, изјави Бесар Дурмиши.

    Останатите присутни 14 советници од ДУИ, ДПА, СДСМ и Алтернатива гласаа воздржано.

    „Ние како СДСМ во Советот ќе делуваме како конструктивна опозиција и сите проекти на мнозинство кои се во интерес на сите граѓани ќе ги поддржиме, а тие кои не се нема да ги поддржиме. Партиски став е дека треба воздржано да се гласа, се надевам дека во иднина како советничка група ќе се залагаме за интересите на граѓаните“, изјави советникот Глигорије Стојановски.

    Првата седница почна да ја води најстариот член д-р Ратко Давидовски, кој по изборот го препушти местото на новоизбраниот Дурмиши.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира