Привршува конзервацијата на архитектурата на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново, соопшти директорката на Завод и музеј од Битола Мери Стојанова, при денешната посета на премиерот Димитар Ковачевски на овој македонскиот црковен бисер од 12 век. Црквата е позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство кое претставува несекојдневен пример на византиската уметност уште од 1191 година, особено по оригинални фрески меѓу кои и онаа на Ангелот Гаврил од Курбиново (како дел од композицијата Благовештение), која е отпечатена и на банкнотата од 50 денари.
За жал, црквата долго време беше со распукани ѕидови и пожолтени фрески чекајќи конзервацијата да излезе од административните лавиринти. Во втората половина на 2019 беше изработен Основниот проект за архитектурата и статиката, чија реализација поради глобалната здравствена криза почна во 2021. Најголем дел од конзерваторските работи се завршени до крајот на 2022.
Стојанова соопшти дека се работеше на зацврстување на ѕидовите и поставување на нова кровна конструкција. Отстранет е времениот покрив над црквата, а поставени се црни платна на фасадата за да се изврши заштита на фасадното ѕидно сликарство. За конзерваторските зафати на архитектурата преостанати се уште двете фази, односно изработката на потпорниот ѕид и дренажниот канал од северната страна на објектот, како и поставување на подните керамички плочки во внатрешеноста на објектот.
Од битолскиот Завод и музеј, институција задолжена за заштита на спомениците, се надеваат дека наскоро ќе почне и конзервација на ѕидното сликатство кое датира од 12 век.
„Проектот за конзервација на ѕидносто сликарство, кој го работиме заедно со Европскиот центар за византски и поствизантиски споменици, е во завршна фаза и во моментов се наоѓа на стручна контрола во Националниот конзерваторски центар. Откако ќе се заврши постапката таму ќе следи добивање на конзерваторско одобрение и се надеваме дека во првиот момент кога временските услови тоа ќе го дозволат, заедно со тимот од Грција, ќе се започне и со конзервација на ѕидното сликарство“, рече Стојанова.
Црквата во Курбиново во моментов се наоѓа на листа за чекање на УНЕСКО со интенција да се изработи комплетен предлог за поставување на репрезентативната или на некоја од останатите листи на УНЕСКО, во зависносат од понатамошните активности на самите проектни апликации.
За време на денешната посета на претставниците од владата на храмот, на новинарските екипи не им беше дозволено да влезат во црквата поради безбедносни причини.
Патот низ селото Курбиново кој води до црквата е во лоша состојба со големи дупки на места како кратери.
Ж. ЗДРАВКОВСКА