„КОПАНКИ“ БИЛ НЕЗАКОНСКИ ПРИГРАБЕН, ВЕЛИ СОВЕТНИКОТ ИЛИЕВСКИ

    „КОПАНКИ“ БИЛ НЕЗАКОНСКИ ПРИГРАБЕН, ВЕЛИ СОВЕТНИКОТ ИЛИЕВСКИПланинарсиот дом „Копанки“ на Пелистер изгоре пред шест години и досега не е обновен. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола му го одзеде планинарскиот дом „Копанки“ на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ зашто незаконски го имаа приграбено државниот имот, изјави координаторот на советничката група на СДСМ Методија Илиевски на денешната прес конференција.

    „Јавноста треба да знае, здружението ПСК Пелистер има извршено незаконско приграбување на сопственоста на планинарскиот дом Копанки на 10.11.2016 преку негово впишување како таков во Агенцијата на катастар и недвижности. Ова е во директна спротивставеност со членовите 105 и 106 од Законот за утврдување на правен статус. Согласно овие членови Здружение на граѓани не може да биде сопственик на имот кој до 1991 година и припаѓал на државата, односно планинарскиот дом Копанки бил и морал да остане во државна сопственост. Здружение на граѓани може да биде само закупец на овој имот“, изјави советникот Илиевски.

    Според него, незаконското приграбување настанало за време на претходната власт, а посочи и дека претседателот на ПСК „Пелистер“ е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ и нивен поранешен советник во Општина Битола во периодот од 2009-2013 година.

    Пред неколку дена Општина Битола соопшти дека е донесено ново решение со кое за делумно ништовно се огласува претходното од 2015, со кое објектот беше легализиран и сопственоста му беше дадена на ПСК „Пелистер“. Легализацијата не се укинува, а како сопственик на објектот сега е запишана Република Северна Македонија.

    „По завршување на постапката и впишувањето на планинарскиот дом Копанки во државна сопственост општина Битола ќе го побара во владение. Општината на својата сметка има доволно пари да го обнови планинарскиот дом Копанки во најбрз можен рок за што има и одлука на Советот“, додаде Илиевски.

    Од Планинарско – спортскиот клуб „Пелистер“ пак, деновиве излегоа со соопштение во кое велат дека на општинските раководства, актуелното и претходното, не им ја пренеле сопственоста на домот бидејќи не верувале дека ќе го управуваат подобро од планинарите.

    „Се сомневаме дека политичарите ќе го продадат преку разни прикриени форми, за што се умешни, и домот ќе стане комерцијален објект во кој планинарите ќе немаат пристап. Не сме фиктивно здружение туку здружение со 84 годишна традиција и ќе го обновиме етапно, како што можеме, како и нашите претходници, но со цело срце и душа“, напишаа планинарите.

    Домот изгоре пред шест години и досега не е обновен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира