Во текот на вчерашниот ден, во Велешко шест лица се новозаразени со КОВИД-19 а еден е оздравен. Со тоа, бројката на активни случаи во Велешко е 34 лица, досега инфицирани се 162. Еден од новозаразените е во голема странска фабрика близу Велес, соопштија од Центарот за јавно здравје.
„Четири од заразените лица се од Велес и две се од Бузалково. Четирите лица од Велес се велешанка која работи во текстилна фабрика во Штип, друг е од голема фабрика странска инвестиција близу Велес, третиот е лице е асимптоматско, немало никакви знаци дека е позитивен и четвртиот бил дијабетичар и така е откриен. Има оздравено една пациентка која лежела на Инфективно одделение и по два негативни теста е пушена дома“, кажаа од Центарот за јавно здравје во Велес.
Новозаразените од Бузалково присуствувале во неделата на погреб на почината жена на кој, и покрај препораките да бидат најблиските, имало дваесетина лица. Лицето кое по тестирањето било позитивно немало знаци на коронавирусот, откриено е откако му е давана лекарска помош по тепачка која се случи неделата попладне во маало кај Потокот. Оздравена е докторката од приватното здравство, кај која КОВИД-19 беше откриен пред две седмици.
„На Инфективното одделение денес на пладне има 13 пациенти, од нив 12 се потврдени позитивни, за еден, жителка на Горно Јаболчиште, се чекаат резултати, а е со симптоми на КОВИД-19. Две од лицата кои се тука сместени се на кислородна поддршка“, информираше портпаролката на Општа Болница Велес, д-рВесна Николовска-Неделкова.
Од вкупниот број активни лица со коронавирус во Велешко, 19 се во домашен карантин, две се на Инфективна клиника и по еден на Градската општа болница „ 8 Септември“ во Скопје и во државен карантин.
П. ПЕЧКОВ