КОВИД БОЛНИТЕ ВО ГРАДОВИТЕ ВОН СКОПЈЕ БЕЗ ЧЕКАЊЕ ПРАВАТ КРВНА СЛИКА И РЕНТГЕН ВО ДРЖАВНИТЕ БОЛНИЦИ

    КОВИД БОЛНИТЕ ВО ГРАДОВИТЕ ВОН СКОПЈЕ БЕЗ ЧЕКАЊЕ ПРАВАТ КРВНА СЛИКА И РЕНТГЕН ВО ДРЖАВНИТЕ БОЛНИЦИПатеката за тријажа е иста и во другите градови, но за разлика од Скопје функционира оти нема голем број болни; - Ковид амбулантите во болницата „8 Септември“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Битола, Тетово, Штип, Струмица, Куманово и Охрид матичните лекари ги испраќаат ковид пациентите со приоритетни упати да направат крвна анализа со Д-димери и ЦРП и рентген во државните болници, а не се чекаат термини. Патеката за тријажа е иста, но за разлика од Скопје функционира оти нема голем број болни. Во Скопје, каде е и најголемиот број новозаболени од ковид-19, најголемиот притисок е врз ковид амбулантите во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, како и на Инфективната клиника. Главно станува збор за пациенти позитивни на ковид-19 на кои не им треба хоспитализација, но им е влошена клиничката слика и имаат потреба од дополнителни испитувања како лабораторија, рентген снимка и следење на состојбата со соодветна терапија од интернист.

    Матичните лекари во Куманово за анализа на ковид крвна слика пациентите ги праќаат во Здравствениот дом во Куманово, додека за рентген издаваат приоритетни упати за Одделението за рентген и дијагностика во Кумановската болница. Неодамна Здравствениот дом отвори посебен пункт за земање крв во кругот на болницата во близина на ковид-центрите, за да ги заштити останатите пациенти кои имаат потреба од нивните услиги. Во истата барака се прават и брзи тестови.

    „Од 1 март ние започнавме со д-димери анализа, за што ги информиравме сите матични и сега приемот на пациентите се врши во ковид-бараката, за да бидат изолирани од другите пациенти коишто си доѓаат за други болести. Ги боцкаме во периодот од 7 до 9 часот наутро, а потоа правиме пауза заради целосна дезинфекција и кварцање на просториите. Од 10 часот продолжуваме да земаме брисеви за брзи тестови. Во просек примаме околу 25 пациенти дневно, но ако се зголеми потребата ние ќе го зголемиме терминот за прием на пациенти. Во овој период постигнуваме, значи сите пациенти коишто доаѓаат ги примаме и никого не враќаме“, вели д-р Милена Спасовска-Димовска, специјалист по медицинска биохемија.

    Таа додава дека тие немаат увид во бројот на пациенти кои што ќе дојдат тој ден кај нив, бидејќи упатите коишто ги креираат матичните лекари на Мој термин важат еден месец, па дел од пациентите не доаѓаат веднаш, а други одат на преглед на Инфективното одделение и таму прават анализа и не го чекаат нивниот термин.

    И матичните лекари потврдуваат дека немаат ограничување за бројот на пациенти на кои ќе им издадат упат за лабораторија во Здравствениот дом, а функционира и соработката со Одделението за рентген во Општата болница Куманово.

    „За рентген ги праќаме пациентите со приоритетен упат, бидејќи редовните термини се зафатени од хроничните болни. Главно ги примаат пациентите секој ден од 8 до 13 часот и досега ми немаат вратено пациент“, вели матичен лекар од Куманово.

    Матичен лекар од Охрид вели дека праќаат пациенти за ковид тест и рентген, додека за д-димери и ЦРП треба преку интернист, или инфектолог во Интерното или Инфективното одделение при Општата болница во Охрид. Секој ден бројката на пациенти за тестирање варира од 30 до 50 на ден велат од Инфективното одделение. Комплетна ковид лабараторија со Д-димери и ЦРП се прави откако ќе стигне позитивен тест.

    „Матичните начесто ги пуштаат пациентите со упат до Инфективно, без анализи, без да им се направи комплетна лабараторија, крвна слика. Пациентите доаѓаат на Интерното и Инфективното одделение, се случува одредени денови да имаме и преку сто пациенти. Никој не е вратен од кај нас без разлика дали е пратен од матичниот лекар или сам ќе дојде тука, и дали има претходно направено лабараториска анализа. Сите потребни анализи се прават и доколку е потребно се хоспитализира. Најдобро би било кога пациентите ќе дојдат со готови анализи, рентген. Нема да се создава гужва и повеќе пациенти ќе можат да бидат истријажирани, пократко ќе биде времето на чекање“, вели главната сестра на охридскака Општа болница Анета Волканоска.

    Раководителката на Инфективното одделение во Штип Дијана Шишкова вели дека без никакво ограничување тука се прифаќаат сите пациенти кои доаѓаат за испитување ковид крвна слика или за рентген – и тие што се упатуваат од матичен лекар преку мој термин и оние кои доаѓаат директно на одделение.

    „Лабораторијата е опремена и веднаш по земањето крвни примероци се прават итни испитувања и за кратко време ги добиваме резултатите“, вели Шишкова.

    Според евиденцијата што се водела на Одделението, дневниот број на пациентите кои бараат проверка на ковид крвната слика варира од ден на ден. Некогаш има повеќе од десет случаи, некогаш помалку. Шишкова вели дека тие ги прифаќаат и прават ковид крвни слики и на пациентите кои веќе оздравеле па и оние кои сакале и по трет пат да си ја проверат ковид крвната слика. На Инфективното одделение во Штип во моментов се хоспитализирани вкупно 43 пациенти.

    Во Клиничката болница во Битола не се работи со термини кога се во прашање заболени или суспектни на ковид-19 па треба да се направи ковид крвна слика или рендген.

    „Пациентите во Битолската болница се примаат со итен и упат без термин во Инфективно одделение и Одделение за пнеумофтиза каде се врши рендген снимање, а во лабораторијата се испраќаат пацинети од Инфективно одделение и од матичен лекар, во одреден временски период се работат анализите за да нема мешање со другите пациенти. Зголемен е бројот на прегледи во последниот месец и на Инфективно и на тријажно одделение. Кај 906 пациенти се изработени Д-димери од први февруари до први март вклучително со упати од Инфективно одделение, матични лекари и од Одделението за пнеумофтиза. Од нив, дури на 500 со упат од матичен во изминатиот месец им била направена крвна слика со испитани Д-димери“, вели директорката на болницата Билјана Гагачовска.

    Матични доктори од Битола исто така велат дека пациентите за да направат крвна анализа и рентген во државната болница се испраќаат со приоритетни упати, а не се чекаат термини.

    „Може да се случи во денот да има и други лица за снимање на рентген кои имаат проблем со коронавирусот, па кога ќе се заврши со едниот пациент, ќе се прегледа другиот, но да бидат враќани назад поради немање термин, да чекаат за други денови, такви случаи во Битола нема“, велат матични лекари.

    И во Тетово и во Струмица матичните лекари засега немаат никакви проблеми оти има доволно термини за испитување ковид крвна слика и за рентген. Во Тетово има мал пораст на заболени, а од 271 активни моментално 24 се хоспитализирани, додека во Струмица активни се 175 случаи.

    ДОПИСНА МРЕЖА НА САКАМДАКАЖАМ.МК

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира