Модните креации што се презентираат на Деновите на модата во Штип, од кои повеќе од 12 се специјални брендови изработени од младите, но мошне талентирани креатори, наскоро ќе бидат презентирани и во Скопје на посебен моден викенд кој ќе биде и лицитациски, а средствата ќе бидат вложени во Фондот за ранливите категории и за слични проекти за социјални случаи, рече една од менторикте Катерина Тошева, која е техничка координаторка на младата дизајнерка Марија Трајковска.
Манифестацијата почна синоќа, а ќе трае до 2 октомври.
Покрај неа, ментори се и уште четворица модни професионалци од Македонија под чие водство се изработени останатите креации кои исто така ќе бидат дел од лицитацијата во Скопје. Тоа се креациите на младите дизајнери Татијана Гиновска, чиј ментор е Александар Ношпал, Михаела Штерјова чиј ментор е Антонија Гигинска, Снежана Ефтовска и Сара Величковска под менторство на Никола Булески.
Во организацијата на штипските Денови на модата се вклучени и повеќе штипски конфекциски компании, како „Астибо“, „Албатрос“ и „Линеа“, кои вечерва ќе имаат посебни ревии.
Дел од организацијата е и Кристина Ампева, која здружението „Гласен текстилец“ е еден од носечките координатори на манифестацијата.
„Покажуваме на светот дека ние сме модна нација и знаеме да произведеме врвни брендови кои можат да бидат мошне барани на светскиот пазар. Креативноста на дизајнерите, пак, покажува дека имаме подготвен и мошне квалитетен кадар кој може да дизјанира и произведе завршен модел. Тоа што покажуваме дека сме подготвени и за финален производ доволно зборува дека мораме да настојуваме да се отргнеме од тоаш што 95 проценти од нашите конфекции компании работат лон“, рече Ампева.
- СО МОДНА РЕВИЈА ВО НАПУШТЕНА ХАЛА НА ПОРАНЕШНАТА ФАБРИКА „МАКЕДОНКА“ ПОЧНАА ДЕНОВИТЕ НА ШТИПСКА МОДА
Т. ЈОВАНОВСКИ