Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар од „Независни заедно“ Билјана Ивановска, денеска самоиницијативно отиде во Обвинителство откако кривичната пријавата против неа ѝ беше врачена на 14 август, по 11 часа откако ја објави кандидатура за градоначалничка. Ивановска кажа дека пријавата е од лице кое било незадоволно од тоа што предметот кој бил отворен за него од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) бил објавен јавно и за него потоа се пишувало во медиумите. Ивановска беше претседателка на Антикорупциската комисија од 2019-2024.
„Обвинета сум дека наводно начинот на кој ние сме ги отварале предметите во Државната комисија за спречување на корупција и споделувањето во јавност било спорно за пријавителот. На средбата со обвинителката објаснив на кој начин се оформуваат предметите. За конкретниот случај бил отворен предмет по сопствена иницијатива од страна на член на Антикорупциската комисија. Предметот се работел, на крај постапката е завршена и тој е затворен без сомнежи. Но, спорно за подносителот е начинот на комуникација со јавноста. Дали на некого не му се допаѓало што потоа пишувале медиумите е негова работа“, рече Ивановска по исказот во Обвинителството.
Прашана дали ова го чувствува како притисок поради нејзината кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, Ивановска рече дека треба да се одговори дали сите пријави кои се активирани од 25 јули се доставени на 14 август до сите од страна на полиција.
Полицијата на 14 август во 20.30 часот ја побарала Ивановска дома за да ѝдостави кривична пријава, но таа била отсупта, па следниот ден отиде да ја подигнае поканата од Основното јавно обвинителство Скопје за да види за што станува збор и притоа беше повикана на разговор за денеска.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје тогаш ни изјавија дека јавен обвинител постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари годинава и презема дејствија за да ги провери наводите. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25 јули, а МВР ја достави на 14 август.
А. АНТЕВСКА