Три лица од Струмица ќе добијат пријави за кривично дело Загрозување на животната средина и природата, откако беа фатени во атарот на реката Тркања како горат кабли за да добијат бакар. Полицијата со општински комунални инспектори на Струмица, по пријава на граѓани излегле на терен и на лице место ги затекнале тројцата струмичани, кои од стари апарати ги гореле каблите при што се создавало чад подолг период.
„Полициски службеници од СВР Струмица извршиле увид на место викано Тркања, атар на Струмица, каде претходно биле затекнати лицата У. Д. (18), Р. А. (18) и Е. Д. (26), сите од Струмица, кои гореле кабли. За настанот е запознаен Јавен обвинител од ОЈО Струмица и по целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесен соодветна пријава поради сомнение за сторено кривично дело Загрозување на животната средина и природата по член 218 од Кривичниот законик“, соопшти полицијата.
Ова не е прв случај да се откријат лица кои горат кабли за да добијат бакар. На социјалните мрежи струмичани контуинирано реагираат за чад од локации каде се сомневаат дека се гори отпад. Од Општината апелираа тоа да се пријавува до инспекциските служби.
„Апелираме до граѓаните кои ќе забележат такви појави веднаш да ги пријават во надлежните институции. Мора сите заеднички да се бориме за почиста и поздрава животна средина“, соопшти Општината.
В. ТРАЈКОВ