КРУЖНИОТ ТЕК ВО БИТОЛА ЗА КОЈ СЕ ИСЕКОА ДРВЈА Е ПО ПРОЕКТ ОД 2014 ШТО ТАЛЕСКИ ГО СОПРЕ ПО ПРОТЕСТ НА ЖИТЕЛИТЕ, А КОЊАНОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА Е ПРОЕКТ НА ГРАЃАНИТЕ

    КРУЖНИОТ ТЕК ВО БИТОЛА ЗА КОЈ СЕ ИСЕКОА ДРВЈА Е ПО ПРОЕКТ ОД 2014 ШТО ТАЛЕСКИ ГО СОПРЕ ПО ПРОТЕСТ НА ЖИТЕЛИТЕ, А КОЊАНОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА Е ПРОЕКТ НА ГРАЃАНИТЕЗа кружен тек кај Ветреинарната станица исечени се долгогодишните стебла. (Фото: СДК.МК)

    Сечењето повеќе долгогодишни стабла од паркчето кај старата Ветеринарна станица во Битола за изградба на кружен тек, на кој ќе биде поставен споменикот на Александар Турунџев, е извршено според проект од 2014, односно од времето на ексградоначалникот Владимир Талески. Пред шест години, жителите од околните зградите и другите политички субјекти во Битола се спротивставија зашто предвидуваше сечење зелен појас, па Талески најави негова ревизија и го сопре. По сечењето на долгогодишните стебла деновива во Битола, се отвори дискусијата дали се спроведе истиот неревидиран проект на Талески.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска од Поинаку, вели дека на терен се спровела одлуката што Советот ја донел на 16 септември минатата година со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за продолжување на проектот останат од времето на ексградоначалникот Талески.

    „На 16 септември имаме точка со која се бараше од Советот да се продолжи реализацијата на стариот проект од Талески. На таа седница одлуката беше донесена со 13 гласови ’за’ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Точно е дека сите советнички групи прифатиле да се изгради кружен тек, но ниедна не го прифаќаше тој стар проект, па и самиот Талески најави ревидирање за да се изземе уништувањето на зеленилото“, рече Илиевска.

    Од СДСМ велат дека за кружниот тек нама проект во програмата што ја гласале советниците.

    „На седница одржана на 27 декември 2022 година, Советот ја разгледа Програмата за уредување на градежно земјиште. Кружниот тек кај Ветеринарното не беше дел од таа програма, а без тоа не може да биде изграден. СДСМ гласаше против. На 28 декември во Советот се носеше буџетот за 2023 година. Советниците од СДСМ и коалицијата, во духот на конструктивност покажавме добра волја и гласавме ‘за’ амандманот со кој се предвидуваат пари за изградба на кружен тек кај Ветеринарното. Гласавме за пари, не за проект. За проект на седницата не стана збор“, вели Јадранка Павловска, советничка од СДСМ.

    Градоначалникот Тони Коњановски, кој е на чело на локалната влатст преводена од ВМРО-ДПМНЕ, на прашање дали го спроведуваат проектот на Талески или го ревидирале, не даде конкетен одговор туку рече дека тоа е проект на граѓаните.

    „Проектот е на граѓаните на Битола, не е ни со парите на Талески, ни со парите на Коњановски, ни со парите на некој друг. Се работи за проект изработен во јуни 2014 година како основен сообраќаен проект за промена на сообраќаен режим на крстосницата врз основа на правилници, со дијаметар предвиден за да може да се одвива и автобуски сообраќај. Истиот сообраќаен проект е ревидиран 2014 година од Институтот за ревизија и Заводот за испитување на материјали. И неопходен е, сите граѓани ќе се сложат добро е тоа место да биде уредено отколку да биде квазипарк без средена комуналната хигиена и паркирање“, рече Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира