Дрворед од 220 украсни садници е засаден по целата должина на булеварот Октомвриска револуција во Куманово. Активноста е дел од проектот „Урбано раззеленување за поздраво дишење“, кој се реализира преку прекугранична соработка меѓу општините Куманово и Ќустендил и Центарот за развој на Североисточниот плански регион.
Засадени се шест видови висококвалитетни украсни садници, меѓу кои јапонска цреша, индиски јоргован и див костен. Станува збор за големи дрвја, повисоки од два и пол метра, кои на пролет ќе го разубават просторот, а воедно ќе создаваат сенка, бидејќи долж булеварот се поставени и клупи и канти за отпад.
„Овие садници ќе придонесат за подобар квалитет на воздухот и поубава урбана средина. Се работи за дрвја кои имаат и естетска и еколошка функција“, изјави директорот на Центарот за развој на Североисточниот плански регион, Младен Протиќ.
Вкупната вредност на проектот „Урбано раззеленување за поздраво дишење“ изнесува 541.709 евра, од кои Општина Куманово ќе добие 298.529 евра, Општина Ќустендил 199.066 евра, а Центарот за развој на Североисточниот плански регион 44.112 евра.
Во Куманово средствата ќе бидат наменети и за изградба на зелена површина за управување со дождовница (зелени улици и дождовни градини) кај спортската сала, уредување на два алпиниума и поставување урбана опрема во основното училиште „Перо Наков“.
Дополнително, предвидено е садење на 137 дрвја на булеварот Трета Македонска ударна бригада, поставување зелен ѕид со систем „капка по капка“ на паркингот кај плоштадот Маршал Тито, како и хортикултурно уредување со садење 16 дрвја во дворот на Техничкото училиште и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.
Проектот треба целосно да биде реализиран до крајот на 2026 година.
С. НИКОЛИЌ



