Општина Куманово ќе му помага на Липково во справувањето со кризата по зголемениот број на заболени од коронавирусот, беше одлучено на денешниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување (ОШЗС).
„Поради новонастанатата ситуација и зголемен број на заболени од вирусот КОВИД-19 во соседната Општина Липково, ОШЗС Куманово со своите расположливи ресурси стои на располагање за помош при справување со епидемијата на ОШЗС Липково“, стои во соопштението на Кризниот штаб.
Плашејќи се да не се врати вирусот во Куманово, од штабот бараат од Комисија за заразни болести да провери дали се почитува протоколот за утврдување и лекување на пациентите суспектни и потврдени од КОВИД-19, кои се праќаат на лекување во кумановските здравствени установи.
„Сметаме дека непридржувањето до протоколот може да доведе до епидемиолошко загрозување на Општина Куманово и вработените во Општа болница Куманово и бараме да се упати апел до матичните лекари од Општина Липково да се придржуваат до протоколите, заради поуспешно лекување на заболените и спречување на ширење на епидемијата од соседната општина во Општина Куманово“, додаваат во соопштението.
Поради ширењето на епидемијата и создавање на ново жариште на коронавирус во Липково, од денеска, екипата на Центарот за јавно здравје од Куманово започна со тестирање во липковските села, а напомош пристигнаа епидемиолози од Кратово и Крива Паланка.
С. НИКОЛИЌ