КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА И ЗИМАВА ЌЕ СЕ ГРЕЕ НА МАЗУТ, НЕМА ПАРИ ДА СЕ ГАСИФИЦИРА

    КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА И ЗИМАВА ЌЕ СЕ ГРЕЕ НА МАЗУТ, НЕМА ПАРИ ДА СЕ ГАСИФИЦИРАЗа гасификација на Кумановската болницата потребни се 200.000 евра, а институцијата нема начин да ги обезбеди сама, затоа очекува помош од централната и локалната власт (Фото: СДК.МК)

    Ќе обезбеди ли Министерството за здравство во новиот буџет средства за гасификација на Општата болница во Куманово, се прашуваат деновиве кумановци, кои со години чекаат да се реши еден од најгорливите проблеми за пациентите и вработените во најголемата здравствена институција во регионот, кој се повторува секоја зима. Ова ветување беше едно од најексплоатираните и во кампањите на парламентарните и локалните избори, пред се заради намалувањето на загаденоста на водухот и заштита на животната средина во градот, па со право граѓаните очекуваат и да се исполни.

    Куманово започна со процесот на гасификација пред 10 години, но ниту една од централните институции не е гасифицирана, поради тоа што предходната Влада не сакаше да го подржи овој општински проект. Но, и по смената на власта се чини дека процесот оди бавно.

    За гасификација на Кумановската болницата потребни се 200.000 евра, а институцијата нема начин да ги обезбеди сама, затоа очекува помош од централната и локалната власт. Директорката Снежана Захариева, која е на функцијата една година вели дека тие веќе изработиле проект за приклучок на гас и сега чекаат тој да се реализира.

    „Во неколку наврати разговаравме со министерот за здравство и со одговорните во министерството, а пративме допис и до Владата. Ако лани проблем беше што немаше проект и немало предвидени средства во буџетот за гасификација, сега ги информиравме сите дека ние направивме проект и ја имаме сета потребната документација. Тоа е капитална инвестиција за која треба да бидат предвидени пари во буџетот на Република Македонија. Јас искрено се надевма дека овој пат ќе се најдат средства за нас. Ние оваа грејна сезона нема да ја дочекаме со гас, бидејќи ни приклучокот не е стигнат до Општа болница Куманово, но не смееме да дозволиме да остане така и за наредната година“, вели директорката Захариева.

    Општата болница Куманово се грее на мазут и за негова набавка болницата троши околу 50.000 евра, па инвистицијата ќе се исплати за 4 години. Поради проблемите на стариот систем и котлите, голем дел од топлинската енергија останува неискористена, па простоториите се догреваат на грејалки или клима уреди, што создава дополнителни трошоци на електрична енергија. Речиси секоја зима пациентите се жалат на ладни радијатори, а надлежните тврдат дека греењето работи.

    Дополнителен проблем претставува што согорувањето на мазутот го загадува воздухот, граѓаните се жалат дека не можат да дишат од гасовите, а мерната станица која е во дворот на болницата покажува енормно присуство на отрови.

    „Котлите на котларата којашто е на мазут ја загадува околината дефинитивно, овие котли се стари и само еден е исправен, додека другиот постојано го поправаме. Се надевам дека релевантните институции ќе најдат финансиски средства да ни помогнат овој процес да го завршиме. Со тоа двојно да ги намалиме трошоците за греење, а тие средствата ќе ги употребиме за набавка на нова опрема и инвентар за болницата“, рече Захариева.

    Кумановската болница е една од најзадолжените во државата со вкупен долг од околу 3 милиони евра. Долговите се трпале со години наназад, а најмногу се по основ на неплатени сметки за комуналии: струја, вода, чистота, но и големи суми и за доспеани обврски кон добавувачи за храна, лекови, медицински матерјал. За една година долгот е намален за околу 450.000 евра, а истовремено купени се најнеопходните апарти за очното одделение, за физикална терапија, инхлатори, но надлежните велат дека се потребни пари за инвестиции.

    Општата болница Куманово е најголемата здравствена институција во Североисточниот регион која покрива околу 200.000 пациенти или 10 отсто од вкупната популација во Македонија. Болницата со години наназад не го добива третманот кој го заслужува, кубури со кадар, опрема и просторини услови, поради што голем дел од пациентите незадоволни од услугите бараат да се лекуваат на клиниките во Скопје.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира