КУМАНОВСКАТА НАСЕЛБА ЧЕРКЕЗИ ДОБИ НОВА УЧИЛИШНА СПОРТСКА САЛА

    КУМАНОВСКАТА НАСЕЛБА ЧЕРКЕЗИ ДОБИ НОВА УЧИЛИШНА СПОРТСКА САЛАЗа изградбата на салата потрошени се 24 милиони денари (Фото: СДК.МК)

    Основното училиште „Јероним Де Рада“ во кумановската населба Черкези доби спортска сала. Со површина од 650 квадратни метри, таа е опремена со сите реквизити и справи за мали спортови, кошарка, ракомет, мал фудбал и за одбојка. За изградбата на салата потрошени се 24 милиони денари кои ги обезбеди Владата преку проектот за изградба на 145 училишни сали во државата.

    Mинистерот за образование Арбр Адеми истакна дека и во наредниот период ќе се инвестира во инфраструктурата на образованието.

    „Досега воопшто не се инвестирало во образовната инфраструктура во Куманово. Ги одредивме приоритетите и во наредниот период ќе имаме балансиран пристап во сите општини и региони. Оваа спортска сала успеавме да ја изградиме за една година“, кажа министерот Адеми, кој е од Куманово.

    Истовремено е реконструиран покривот на училиштето и подобрени се условите за работа.

    Градоначалникот Максим Димитриевски ги повика професорите да вложат максимален труд во физичкото образование на децата за да се создадат млади спортисти. Во ова училиште настава на албански јазик посетуваат 520 ученици во две смени.

    Минатата година ова време беше пуштена во употреба и нова спортска сала во средното училиште „Перо Наков“, а во тек се градежните работи и на нова спортска сала во техничкото училиште „Наце Буѓони“.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира