Основното јавно обвинителство Куманово започна истрага за утврдување дали Т. Б. (25) од село Малотино, Општина Старо Нагоричане, извршил серија убиства, а не само последното кога е приведен. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело – Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
Т. Б. е осомничен дека на точно неутврден датум во периодот од 27 јануари до 12 февруари, во селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, со умисла на свиреп и подмолен начин убил 78-годишна жена.
„Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала“, соопшти ОЈО Куманово.
Во координирана акција во изминатите неколку дена на ОЈО Куманово и истражниот центар во тоа обвинителство, МВР и екипите на Институтот за судска медицина обезбедиле се докази кои укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско.
„Поради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат“, велат од ОЈО.
Оттаму додаваат дека истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката.
Осомничениот од моментот на неговото откривање е лишен од слобода и обезбеден, а по предлог на јавниот обвинител му е одредена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење на осомничениот од страна на тим вешти лица-форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.
Од МВР на 14 февруари рекоа дека е приведен Т. Б. (25) од Малотино, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик.
„Тој се сомничат дека на 12.февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М. С. (78) од село Челопек, Општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото. Исто така, тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела Тешка кражба во повеќе села на подрачјето на Општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава“, соопшти МВР.
С.НИКОЛИЌ



