КУМАНОВЦИ ГИ КОРНАТ ДАСКИТЕ ОД КЛУПИТЕ ЗА ДА СЕ ГРЕАТ НА НИВ

    КУМАНОВЦИ ГИ КОРНАТ ДАСКИТЕ ОД КЛУПИТЕ ЗА ДА СЕ ГРЕАТ НА НИВДосега се оштетени дваесетина клупи, а една чини околу 100 евра. (Фото: Фејсбук)

    Новите клупи, канти и канделабри, поставени Општина Куманово пред околу еден месец на повеќе локации во централното градско подрачје, секојдневно се цел на вандали и веќе голем дел се уништени. Последни во низата се клупите за седење од кои се извадени даските во паркот Соколана, кои потоа се користат како огревен материјал.

    Урбаната опрема е купена од парите на граѓаните, а една клупа чини 100 евра. Досега се оштетени дваесетина клупи.

    Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“, кое е задолжено да ја одржува урбаната опрема во градот, вели дека за овој краток период уништена е помеѓу 30 и 40 отсто од опремата што неодамна беше поставена.

    „За жал, во претходните 2 дена, од страна исто така на несовесни граѓани, не знам од кои причини беа уништени поголем дел од клупите поставени во Соколанскиот парк. Се гледа дека стручно се извадени даските, не се скршени како во други случаи. Тоа значи дека не се работи за уништување од страна на тинејџери, бидејќи доколку истите биле скршени ќе биле оставени на самото место. Се зборува дека даските се извадени за да се користат како огревен материјал“, вели Стојчевски.

    Кумановци се лути што несовесни граѓани се изживуваат и уништуваат сè што е јавно добро, а притоа остануваат неказнети.

    „Ужасна некултура во нашиот град. Никој не ни е крив, ни СДСМ, ВМРО, Бранко, Грујо, Дамјановски, Димитриевски. Никој не може толку да вложи колку малограѓанштината и злобата може да уништи. Клупа во парк да уништиш, дете, старец да нема кај да седне? Не е за казнување, за протерување е. И да, апелирам до градоначалникот ни еден денар веќе за опрема да не вложи. Не заслужуваме. Подобро да изгради дом на сиромашно семејство отколку во „ветар“ да фрла пари. Срам ми е што сум кумановка на 53 години. Се срамам од моите сограѓани. За најстрога осуда и казна!“, вели кумановката Елена Трајковска.

    За да се заштитат од крадците во претпријатието размислуваат да постават видео надзор на одредени локации, но законот не им дозволува. Камери може да постави само МВР. Директорот вели дека ќе бараат некое чаре, а во најкраток рок ќе се обидат клупите ќе ги поправат. Случајот го пријавиле во полиција и комуналната инспекција, од кои бараат поголема ефикасност и контроли за да не се повтори дивеењето и срамот на поединци.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира