Кумановци покренаа онлајн-петиција за ослободување на тротоарите од паркирани автомобили. Иницијативата „Стоп за паркирање на тротоари“ на фејсбук страницата „Кумановски ѕид на срамот“ од неформална група на граѓани, се залага да се подигне сообраќајната култура кај возачите заради поголема безбедноста на пешаците.
Истовремено, апелира до надлежните институции во Куманово да преземат соодветни мерки за да ги санкционираат прекршителите на законот.
Во Куманово со години владее сообраќаен хаос, бидејќи на улиците секојдневно има над 25.000 автомобили, а нема доволно паркинг простор. Откако се воведе зонското паркирање граѓаните избегнуваат да платат паркинг место од 30 денари на час, па го узурпираат секој слободен јавен простор независно дали е улица, тротоар или зелена површина. Граѓаните бараат од надлежните да го средат сообраќајот со нови паркинзи и високи казни за прекршителите.
„Целта на оваа и на идните петиции е да се документираат секојдневните урбани проблеми и незадоволството на кумановци. Резултатите од петициите ќе се објавуваат јавно и ќе бидат испраќани до сите надлежни институции и до Oпштината, при што ќе се врши притисок од страна на јавноста за скоро решавање на проблемите во Куманово. Паркирањето на автомобил на тротоар е незаконско и се загрозува безбедноста на пешаците, пред сѐ на ранливите групи ученици, лица со посебни потреби, мајки со деца во колички, велосипедисти и постари граѓани. Ги повикуваме надлежните во МВР и општинските власти да излезат од канцелариите и да се справат со проблемот“, – порачуваат од „Кумановски ѕид на срамот“.
„За град со 100.000 жители срамота е за вакво нешто да не собереме 10.000 потписи. Петицијата ќе се достави до Општина Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски како и до СВР Куманово. Ќе се достават и по електронски пат и по пошта. На нашата фејсбук страна секојдневно пристигаат фотографии и видеа од најразлични прекршоци кои никој не ги санкционира. Од таа причина сообраќајните прекршоците станаа секојдневие, кое сѐ повеќе граѓани го практикуваат на штета на пешаците кои не можат непречено да се движат по тротоарите“, велат од „Кумановски ѕид на срамот“.
Тие ги повикуваат граѓаните со јавно објавување на фотографии да ги натераат несовесните возачи да ги почитуваат сообраќајните правила.
С. НИКОЛИЌ